Македонија
(Видео) Тошковски во посета на СВР Велес и Отсек за управни работи Велес
Во рамките на денешните активности министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги посети Секторот за внатрешни работи Велес и Отсекот за управни работи Велес.
На средбата со раководството на СВР Велес министерот Тошковски беше запознаен со тековните активности на секторот и проблемите со кои се соочуваат во работењето од аспект на материјално-технички средства и недостаток на човечки ресурси.
Од страна на министерот Тошковски беше потенцирано дека во наредниот период потребно е да се постапува максимално професионално и во рамките на професионалните стандарди бидејќи МВР ја има најважната улога во организирање на фер и демократски процес и обезбедување на стабилна безбедносна состојба.
Покрај посетата на СВР Велес, министерот Тошковски го посети и Отсекот за управни работи Велес каде непосредно се запозна со процесот на издавање на лични документи и проблемите од аспект на просторни и човечки капацитети. Во оваа прилика министерот беше запознаен со можноста за отстапување на дел од просториите кои се во надлежност на општина Велес со цел процесот на подигање на лични карти и возачки дозволи физички да се одвои и со тоа да се придонесе кон намалување на времето на чекање на граѓаните.
Во тој контекст министерот Тошковски даде насока до надлежните служби да ги преземат сите формално-правни процедури со цел да се заврши постапката околу отстапување на овој простор се со цел да се излезе во пресрет на потребите на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Груевски ѝ ја честита победата на ВМРО-ДПМНЕ: „Мнозинството ги казни политиките што ги постави Заев“
Експремиерот во бегство, Никола Груевски, им ја честита победата на парламентарните и на претседателските избори на своите поранешни сопартијци коментирајќи дека мнозинството ги казни политиките што ги постави Зоран Заев, а очекувањата на народот не смее да бидат изневерени.
„Судбината сакаше на Денот на победата над фашизмот, одбележувајќи го големиот пораз на фашизмот во 1945 година, да ги поздравам големиот пораз на СДСМ и убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите одржани вчера, како на парламентарните така и на претседателските избори.
Вчера, иако со поголемо задоцнување, убедливото мнозинство жестоко ги казни и порази политиките на СДСМ, кои ги постави Зоран Заев, а ги следеа неговите слепи послушници.
Политики полни со национални предавства, криминали, длабока корупција и лично богатење на грбот на граѓаните, секојдневни лаги и манипулации, злоупотреби, политички прогони на неистомислениците, нефункционалност на државните институции и нивно ставање во лична полза, како и неспособност од големи размери.
Политики што Македонија ја уназадија во секој поглед, неповратно иселија огромен број граѓани и ја доведоа земјата во позиција на потчинетост пред негаторите на нацијата и на македонскиот идентитет, јазик, историја, име, националност и посебност. Политики со кои Македонија беше константно 7 години економски уништувана, осиромашувана, ограбувања и морално пропаѓана. ВМРО-ДПМНЕ доби голема подршка од граѓаните.
Честитам!
Но, и голема обврска пред народот и големи очекувања и надеж кај нив, кои не смее да се изневерерат.
Со среќа!
И со ум!“, напиша Груевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ги постави контурите за коалирање со партиите – во фокусот се три точки
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, информира дека претпладнево одржал состанок, на кој биле поставени контурите на рамката врз која ќе го градат коалицискиот потенцијал со другите партии.
Фокусот ќе бидат луѓето на прво место, вели Мицкоски.
Трите значајни точки врз кои ќе почиваат преговорите за коалициските партнери во новата влада се: економски силна држава преку реформи и чекори, кои ќе бидат жестока битка за повисок животен стандард; фронт против криминалот и корупцијата и постигнување правда; реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции преку дијалог и исполнување принципи.
Мицкоски рече дека очекувањата се големи, а одговорноста кон народот уште поголема.
Партискиот лидер уште пред изборите најави дека ВМРО-ДПМНЕ планира да коалира со албанскиот опозициски блок „Вреди“, а не со ДУИ, а за која партијата смета дека треба да замине во опозиција.
Македонија
АРМ во Охрид ќе реализира показна вежба: ќе бидат употребени атрифиции, средства за звучни ефекти
Секторот за внатрешни работи Охрид ги известува граѓаните на Охрид дека утре во периодот од 10.00 до 12.00 часот во водите на Охридското езеро во близина на центарот за обука на вода во Охрид, припадниците на Баталјонот на специјални сили на Армијата на РСМ ќе реализираат показна вежба – препад на пловен објект.
За време на вежбата ќе бидат употребени атрифиции, средства за звучни ефекти и друга опрема што ја користи Армијата.
СВР Охрид, ги известува граѓаните дека, во врска со оваа активност, денеска во периодот од 13 до 15 часот, припадниците на Баталјонот на специјални сили на Армијата на РСМ, на истиот простор ќе изведат подготвителни активности со цел, успешна реализација на утрешната показна вежба.