Македонија
(Видео) Трајковски повторно не дојде на судење, утре ќе биде донесен со полиција
Со новата поротничка одново започна судењето за случајот ТНТ, откако вчера поротничката Лилјана Ивановска – Кочковска поднесе оставка. На судењето не дојде обвинетиот ексградоначалник, Тони Трајковски, а неговиот адвокат Јовица Страшевски објасни дека немал добиено покана.
“Тони ми кажа дека нема покана пред 10 минути”, рече адвокатот Страшевски.
За судијата Огнен Ставрев, обвинетиот Трајковски е уредно поканет, бидејќи покана била испратена по судски курир, а тој не сакал да ја прими.
“Преку судскиот курир беше испратена поканата на неговата адреса, никој не сакал да му отвори врата”, рече судијата Огнен Ставрев, по што адвокатот Страшевски рече “Тој има две адреси. Судскиот курир живее на 100 метри од него”, па Ставрев му врати “Седете, вие се знаете”.
Поради повторно отсуство на Трајковски судијата не можеше да одржи рочиште, па за утрешното рочиште рече дека ексградоначалникот ќе биде стражарно приведен.
“Ако Трајковски продолжи вака, мерките ќе бидат построги”, посочи Ставрев.
Трајковски ќе биде донесен со полиција на утрешното рочиште на ТНТ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

