Македонија
(Видео) Трајчулески до Мицкоски: Зошто го отворате прашањето за македонскиот јазик, нѐ враќате во времето на Груевски со истите мотиви
Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до премиерот Христијан Мицковски зошто повторно се отвора веќе затвореното прашање за македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Дали Мицковски сака да ја врати Македонија во времето на режимот на Никола Груевски, и дали негирањето на македонскиот идентитет од страна на Бугарија денес се користи на ист начин како што Груевски го користеше грчкото вето во 2008 година, како изговор за внатрешна пресметка и задржување на власта, праша тој.
„Ваши главни политички ветувања во однос на нашите евроинтеграции беа обезбедување на подобрена преговарачка рамка и уставни измени со одложено дејство.
За жал, во текот на оваа година, власта се соочи со политичката реалност, особено во меѓународната политика, и не само што не успеа да обезбеди подобрена преговарачка рамка и уставни измени како што ветуваше, туку нашите меѓународни позиции особено во однос на нашиот европски пат дополнително драматично се влошија.
Македонија се соочи со силен ксенофобичен атак од страна на бугарските негатори на македонскиот јазик и идентитет олицетворен во дебатата за Извештајот за Македонија во Европскиот парламент.
Се реотвори прашањето кое беше целосно затворено за 26 земји членки на Унијата, освен за Бугарија. Повторно на маса се става македонскиот јазик и посебност кое беше целосно затворено прашање, со признат македонски јазик и идентитет во сите официјални документи на Унијата“, посочи тој.
И денес, како што рече, има уште еден предлог од Ваша страна за заедничка резолуција со Бугарија до Европскиот парламент со која би се потврдил македонскиот јазик и идентитет.
И замислете, додаде Трајчулески, предлагате оваа резолуција да биде поднесена од страна на бугарски европратеници.
„Македонскиот јазик е признат од сите, освен од одредени структури во Бугарија. Македонскиот јазик и идентитет се затворено прашање за 26 земји членки на ЕУ и за целиот свет. Нашиот јазик е признат во сите документи на ЕУ, вклучително во преговарачката рамка.
Ова македонско собрание има донесено Резолуција со која се забранува било кој и било кога да преговара за македонскиот јазик и идентитет.
Ниту вие, ниту јас, ниту било кој политичар смее да го стави на маса постоењето на посебен македонски јазик и идентитет.
Немате потреба да го имитирате вашиот политички ментор. Немој да претставувате лажна слика дека сте херои.
И во ваше и во наше време, веројатно и во некое идно време ќе постојат бугарски структури кои ќе продолжат да го негираат Македонскиот идентитет“.
Не постои Македонец, додаде тој, без разлика на политичка припадност кого не го болат ксенофобичните напади на Бугарските европратеници врз Македонскиот идентитет на кои бевме сведоци по повод дебатата во Европскиот парламент за Извештајот за напредокот на Македонија.
Прашањето, според него е, кој какви мотиви има.
„Се ми се чини дека историјата се повторува како фарса. Вам ви треба алиби за прикривање на неспособноста на вашата Влада да испорача политики за подобар живот на граѓаните.
Вам очајно ви треба старата испробана поделба на предавници и патриоти. Се разбира вие и Груевски сте патриотите, а сите ние од опозицијата клетите предавници и соработници на Бугарија.
Со ваквата непромислена политика, а сакајќи да го компензирате неуспехот на Владата да ги испорача предизборните ветувања, ја правите најголемата политичка стратешка грешка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

