Македонија
(Видео) Тренчевска: Нашата борба продолжува, сè до моментот на постигнување на еднаквост во сите области
Под слоганот „Различни приказни, заедничка борба“ денеска во Владата се одржа настан по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, во организација на Министерството за труд и социјална политика, на кој присуствуваа жени од различни ранливи категории.
Министерката Тренчевска потсети дека не само 8 Март туку за правата на жените треба да се зборува секој ден од годината. Таа рече дека тоа е ден кога треба да се оддаде почит и признание на достигнувањата и на борбата за еднаквост на сите жени и девојки и воедно да се осуди секој облик на дискриминација, насилство и вознемирување.
„Сите ние овде присутни доаѓаме со различни животни приказни, но таа разноликост е нашето богатство. Она што сите нас нè обединува овде е борбата која секоја од нас ја води. Заедничка е и храброста, истрајноста, толеранцијата, емпатијата, посветеноста. Како министерка за труд и социјална политика, но пред сè како жена која долги години е посветена на родовата еднаквост, сакам да ви порачам, вам но и на сите жени, дека секогаш ќе стојам на страната на еднаквоста, на правдата, на концептот на едно општество за сите. Општество во кое и жените и мажите ќе имаат еднакви можности и пристап до сите ресурси во општеството“, рече министерката Тренчевска.
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, истакна дека без потполна родовата еднаквост, нема ниту демократија, ниту социјална правда. Овие прашања ќе бидат решени само ако им дадеме постојана гласност, видливост и ако секој ден зборуваме за нив и ги истакнуваме пред целото општество.
„Како Влада активно работиме да изградиме општество без стереотипи и дискриминација, општество кое е инклузивно и обезбедува еднакви можности за сите. Нашите заложби за економско зајакнување ги вклучуваат подеднакво и девојките и жените. Независни и економски силни жени, со свој силен глас и мислење, со можности за слободен избор и еднаквост, се иднината на нашата држава која нема да толерира дискриминација по ниедна основа. Само така, заедно создаваме инклузивно, еманципирано и силно општество“, истакна Ковачевски.
Првата жена која ја раскажa својата приказна е самохрана мајка на дете со попреченост и дел од згрижувачките семејства во нашата држава, што ја покажува нејзината храброст и посветеност не само кон своето дете, туку и да понуди грижа и топол дом за некој којшто тоа му недостига.
„Да се биде згрижувач, не е само да се земе дете, да има кај да спие, да јаде или престојува. Секој згрижувач треба да го почувствува детето, моментот на загриженост, на немир, на тага, да се биде до него, да го фати за рака, да го гушне“, рече Сузана Стојановска, мајката на Никола – дете со Даунов синдром и згрижувач на Денис – дете со оштетен вид. Две посебни деца кои одлично се надополнуваат.
Според, претставничката на UN WOMEN, Весна Ивановиќ, стереотипите за местото и улогата на жената во домот и општеството за жал се’ уште се насекаде околу нас, секојдневно, на улиците, во училниците, во медиумите, во домовите.
„ Професиите сè уште се делат на машки и женски и жените на одлучувачки позиции особено клучни одлучувачки позиции се бројат на прстите на рацете, а некогаш и само на едната рака. Затоа, на овој 8 Март, сакаме да им оддадеме посебна почит на сите жени (и мажи) кои на свој начин придонеле и придонесуваат кон родовата еднаквост“, истакна Ивановиќ.
Арифе Адеми, мајка на Ембла, девојчето со Даунов синдром од Гостивар, зборуваше за нивната семејна приказна и предизвиците со кои тие се соочиле.
„Мојата приказна со доаѓањето на Ембла на овој свет, не е многу поразлична од вашите приказни, бидејќи во нашите приказни има многу љубов, многу болка и многу надеж за една подобра иднина. Секогаш кога ќе ја погледнам Ембла во очи , како да ми вели: Ми даде збор, дека нема да се предадеш и дека нема да се умориш, барајќи права за мојата иднина! Те молам биди силна, мамо!, рече Адеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

