Македонија
(Видео) Трипуновски: Поднесов барање до министерот да се тргне ограничувањето за субвенцијата за тутунот и истата сега да изнесува 100 денари

Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска е во работна посета на општина Долнени.
Во последните денови од откупната сезона на тутунот Трипуновски оствари средби со тутунопроизводителите и посети неколку откупни пунктови, притоа информираше дека денеска поднел барање до министерот Николовски и Владата да се изврши корекција на уредбата за субвенциите од директните плаќања, односно да се укине ограничувањето и сите тутунопроизводители да добијат покачување на субвенциите од 80 на 100 денари.
„Денеска поднесов барање до актуелниот министер Николовски, до Владата, да се направи корекција на уредбата за директни плаќања, односно сега стои ако реколтата надмине 15 илјади тони нема да имаат дополнителни 20 денари за килограм тутун, моето барање е субвенцијата од 80 да се поткрене до 100 денари“, изјави Трипуновски.
„Со укинување на ограничувањето сите тутунопроизводители би можеле да ја добијат оваа субвенција доколку се земе во предвид тешката година која што ја имаа земјоделците.
Со мојата активност во наредниве денови ќе се обидам максимално да го следам овој случај се до исполнување, односно до укинување на ова ограничување. Дали власта ќе се одважи, дали Николовски ќе се одважи, останува да видиме во наредните денови, јас од позиција на технички министер ќе дадам се од себе за ова да успее“, заврши Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода делови од Центар и Аеродром

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Питу Гули бб, општина Центар (во близина на Тинекс), прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици: Питу Гули, дел од Загребска, Ганчо Хаџипанзов, Капештец, Димитар Пандилов, Караорман, висока зона Козле и Ловќенска-крак 1,3,5 и 7.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, во општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Делови од Аеродром, Центар и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на дел од село Долно Лисиче.(општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на објектите спроти Ист Гејт населба Крњево.(општина Центар)
· во периодот од 08.10 до 12.00 часот, корисниците од улица Божидар Рајковиќ, дел од ул. Горноврановска и дел од улицата Горно Лисиче (општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 16.00 часот, корисниците на улиците Ибе Паликуќа, Воин Драшкоци, Веле Марков (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Претежно облачно со повремен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе биде во пораст.