Македонија
(Видео) Ученикот на час, мобилниот во џеб на ѕид

Здружението ,,Ајнштајн” на 26 септември ги промовираше првите организатори (џебови) за складирање на мобилните телефони, наменети за учениците од сите основни училишта на територија на општина Карпош.
Промоцијата е дел од проектот „Вклучи внимание“, спроведуван од Здружението „Ајнштајн”, а финансиски поддржан од Европската Унија. Главната цел на овој проект е подобрување на когнитивните, комуникациските и социјалните функции и зголемена фокусираност и внимание на учениците за време на училишните часови. За да ја оствари оваа цел, Здружението ,,Ајнштајн” во соработка со партнерите издавачката куќа „Арс Ламина“ и Општина Карпош постави организатори, односно платнени џебови за складирање на мобилните телефони. Имено, учениците пред почетокот на секој час ќе бидат задолжени да ги оставаат своите мобилни телефони во еден од џебовите на организаторот. Изработени и поставени беа вкупно 136 организатори за мобилни телефони, од кои 68 организатори со по 30 џебови наменети за помалите училишта и 68 организатори со по 35 џебови наменети за поголемите училишта.
На денешната промоција градоначалникот Стефан Богоев изјави: ,,Да се вклучи внимание, а не Фејсбук и Инстаграм за време на часовите. Од друга страна, сметам дека ова ќе ги мотивира и наставниците да бидат покреативни во своите предавања, за да го одржуваат вниманието на учениците. Значи 45 минути учениците нема да бидат active на социјалните мрежи, на интернет, но потоа ќе си заштедат од слободното време и ќе им треба помал временски период за да совладаат одредена лекција или слично. Затоа што најдобро се учи кога се следи наставата”.
Грција, Франција и Велика Британија се дел од државите каде што употребата на мобилни телефони во училиштата е забранета. Но со почетокот на оваа учебна година и нашата држава се позиционираше на светската мапа на држави кои ќе ја ограничуваат употребата на мобилните телефони за време на училишните часови. Всушност Општината Карпош е првата локална самоуправа во која се започна со ограничена употреба на мобилните телефони и другите електронски уреди во текот на наставата, во сите десет основни училишта. Со почетокот на оваа учебна година Општина Карпош донесе одлука со која се ограничува користењето на мобилните телефони од страна на учениците за време на училишните часови и истата е веќе изгласана од страна на сите 10 основни училишта на територија на општина Карпош.
Претседателот на Здружението ,,Ајнштајн”, Дамјан Николовски, изјави дека очекува ваквиот проект да продолжи да се спроведува и во другите општини, а во блиска иднина ваквиот чекор да се спроведе на ниво на целата држава во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Бујар Османи: Предвремени избори ќе има во март или април

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, ја коментираше изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека по локалните избори е можно одржување предвремени парламентарни избори, потврдувајќи дека според неговите сознанија и проценки, таквите избори ќе се одржат во март или април следната година.
„Тоа е всушност тоа што го кажувам јас и ние од почетокот, дека да, ќе има предвремени парламентарни избори некаде во март или април. И ова го кажувам најаргументирано, врз основа на сите разговори и договори што ги има на политичката сцена“, изјави Османи.
Тој додаде дека изјавата на премиерот само го потврдува она на што ДУИ и другите опозициски политички сили укажувале со месеци, дека сегашната влада е нестабилна и неодржлива.
„Се разбира дека на премиерот веројатно му требаа дополнителни аргументи, коишто сега ги гледа на терен, во односот на силите и тоа што се случува. Ситуацијата е неодржлива, и затоа веќе почна и тој да го спрема теренот“, рече Османи.
Тој истакна дека најавените избори ќе бидат можност да се избере нова влада со јасен европски и економски фокус.
„Јас ви тврдам дека предвремени парламентарни избори ќе има во март–април и ќе има нова влада која ќе го откочи европскиот процес, ќе го врати соживотот и економскиот просперитет на земјата“, порача Османи.
Македонија
Герасимовски и советниците спречија изградба на зграда: „Безбедноста на граѓаните на прво место“

На предлог на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, Советот на општина Центар со 19 гласа „за“ и и еден воздржан донесе одлука за суспендирање на примената на градежна парцела во рамки на ДУП „Буњаковец 1.
Причината за суспензијата е изградба на објект чија реализација може да предизвика сериозни безбедносни и правни импликации. Градежната парцела се наоѓа на аголот на булеварите Климент Охридски и Митрополит Теодосиј Гологанов, а единствениот пристап до неа минува покрај студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, каде се наоѓа резервоар со запаллива материја која се користи за греење, што претставува ризик од пожар и бара изработка на посебен елаборат со еколошки анализи и согласности, известува Општината.
Пристапот исто така минува преку подземни инсталации кои ја снабдуваат целата населба и студентскиот дом, како и преку објекти легализирани во минатото, пред повеќе години, за кои е потребна постапка за нивно отстанување , процес кој може да предизвика долги и комплексни правни последици.
Општината повеќе од две години работи на соодветно решавање на овој случај, но досегашните барања за соодветен сообраќаен проект не беа уважени од соодветните институции.
Поради тоа, се предлага суспензија за градење на конкретната градежна парцела се додека не се обезбедат безбедносни и правно сигурни услови за пристап и реализација на објектот, се наведува во соопштението на Општината.
„Мојот приоритет е безбедноста на граѓаните и инфраструктурата. Нема да дозволам да се загрози безбедноста на жителите на Центар, но истовремено ќе внимаваме да се заштитат интересите на сите инволвирани страни. Важно е да бидеме целосно сигурни дека сите услови се исполнети за да може да се гради објектот.Во меѓувреме, подготвуваме нов ДУП кој ќе ги реши овие прашања и ќе овозможи безбеден и законит пристап до парцелите“, истакна Герасимовски.
Македонија
Александар Трајановски: Централната пошта да стане Градски инспекторат и Центар за урбано планирање – време е за пресметка со дивоградбите и урбаниот хаос

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од коалицијата „Искуство за успех“, Александар Трајановски, најави конкретен план за обновување на Централната Пошта и нејзина трансформација во Градски инспекторат и Центар за урбано планирање.
„Ги засукуваме ракавите и влегуваме во директна пресметка со дивоградбите и урбаното дивеење во градот Скопје и општините. Повеќе нема да има недопирливи згради, бесправни градби и хаотичен развој. Време е институциите да си ја вратат својата сила,“ изјави Трајановски.
Со овој потег, еден од највпечатливите објекти на скопскиот модернизам ќе добие нова јавна функција со вистинска корист за граѓаните – место каде ќе бидат обединети сите градски инспекции и урбанистички служби, во транспарентен и ефикасен систем.
„Централната Пошта е дел од нашето културно наследство, но и од нашиот градски срам – ја оставивме да пропаѓа. Наместо да ја рушиме, ќе ѝ дадеме нова улога. Таа ќе стане симбол на ред, контрола и паметно урбано управување,“ изјави Трајановски.
Новиот Градски инспекторат ќе обедини повеќе од десет инспекциски служби – урбанистички, градежни, комунални, еколошки и сообраќајни. Просторот ќе биде отворен за јавноста, архитектите и стручната фела, со современи канцеларии, дигитални системи и сали за јавни консултации.
Дел од поширока визија – „Поправка на она што вреди“
Оваа иницијатива е дел од визијата за „поправка на она што вреди“ – враќање на животот во објектите што го обликуваа идентитетот на Скопје. Во истиот план се предвидени и:
· ГТЦ – нов дом на градската администрација, младите и културата,
· Кино Милениум – обновен културен простор и филмски центар,
· МКЦ – проширен центар за современа уметност и независна сцена.
„Скопје не треба да се гради одново – треба да се обнови со памет и љубов. Градот го измалтретиравме доволно, време е да го лекуваме,“ порача Трајановски.