Македонија
(Видео) Филипче: Воспоставуваме нов лабораториски систем за поквалитетна услуга и помали трошоци за реагенси
Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција информираше за набавката на реагенси за целата територија на Република Македонија, за периодот од 3 години.
Министерот посочи дека во изминатиот период Министерството за здравство одржува редовна комуникација со стручни лица и со здружението на биохемичари, и заедно со сите засегнати страни се анализираат претходните постапки за набавки на биохемиски тестови со цел да се подобри, односно одново да се дефинира техничка спецификација со нова постапка.
„Правиме постапка што ќе ги содржи апсолутно сите сугестии на второстепената комисија за јавни набавки. Ќе има повеќе лотови, ќе биде делива, а со тоа и отворена за повеќе економски оператори. На овој начин обезбедуваме конкуренција меѓу економските оператори, нивен еднаков третман и транспарентност во процесот на доделување договор за јавна набавка, а со тоа гарантираме рационално и ефикасно искористување на средствата. Ве повикувам да го следите процесот, ние сме максимално инклузивни. Ќе известуваме и имате отворена врата да ги пратите сите сегменти, сите чекори на постапката“, изјави министерот Венко Филипче.
Во рамките на оваа постапка, ќе се направи лот за лис-систем, односно компјутерски систем што ќе го следи трошењето на реагенсите. Министерството ќе има увид во вкупната количина на резерва со која располагаат ЈЗУ-ата, а врз основа на тоа потрошувачката и во буџетите кои сега се трошат во сите јавно здравствени институции.
„Сакаме значајно да ги намалиме трошоците. Сметаме дека на сума од 35 милиони евра за 3 години ќе заштедиме најмалку 5 до 6, што ќе се согласите не е малку. И тие пари ќе ги инвестираме назад во здравствениот систем, пред сè во платите на здравствените работници, но и на подобрување на опремата и инфраструктурата“, додаде Филипче.
Според досегашните анализи, сегашниот лабораториски систем е несоодветен, скап и неодржлив. Во таа насока ќе се воспостави нов систем на централизација на лабораториите, на ниво на град. Пациентите сè уште ќе вадат крв на истите места како досега, но таа ќе се транспортира до главната болница на соодветен начин и согласно со критериумите на Европското здружение на биохемичари. Исто така, со постапката ќе се бараат бесплатни апарати. Ова е веќе практика на економските оператори, за да се трошат нивните материјали, а за министерството ќе значи дополнителна буџетска заштеда, додаде министерот за здравство.
Венко Филипче вели дека целиот процес, како и подготвителната техничка спецификација ќе биде транспарентен и отворен за јавноста преку електронскиот систем за јавни набавки. Сите засегнати страни и заинтересирани лица будно да го следат процесот и да учествуваат во текот на целата постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради сообраќајка во прекин сообраќајот на патот Битола-Државна граница со Грција
Во 20:00 часот на крак А-3 Битола – Државна Граница со Р.Грција во близина на крстосница за с.Бистрица и с.Оптичари, случена е сообраќајна незгода, поради што сообраќајот на патниот правец Битола – Држ. граница е во прекин и истиот ќе се пренасочи низ.с.Бистрица и с.Породин соопшти АМСМ.
Македонија
Сиљановска-Давкова со Ахмет бин Мохамед Ал Џарван: мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ахмет бин Мохамед Ал Џарван, претседател на „Глобалниот совет за толеранција и мир“, во придружба на неговите соработници.
Информирајќи дека семејството на пријателите на „Глобалниот совет“ постојано се проширува, Ал Џарван потенцираше дека стотина парламенти, ширум светот, потпишале меморандуми за соработка со оваа препознатлива и почитувана институција.
Тој, во парламентарната демократија и во меѓукултурниот дијалог препознава мировни механизми за промоција и гаранција на мирот и толеранцијата на сите нивоа и во сите средини.
Претседателката ја поздрави хуманата мисија на Глобалниот совет, истакнувајќи дека е добредојдена и делотворна во амбиент на сериозни безбедносни закани.
За неа, Меморандумот за соработка, којшто деновиве го потпиша Глобалниот совет со македонското собрание е чекор напред во одбраната и поттикнувањето на хуманите цели на човештвото, без оглед на разликите по било кој основ.
Таа особено се радува на потпишаниот договор за стипендии на студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нејзината матична институција, како охрабрувачки за најдобрите студенти, но и оние со лоша материјална положба и неопходна потреба од финансиска помош.
За соговорниците, мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија, развој и просперитет во национални, регионални и меѓународни рамки.
Македонија
(Видео) Во Ресенско поплавени над 50 куќи, магацински простори и земјоделско земјиште, состојбата се следи во сите засегнати региони, соопшти ЦУК
Поради обилните врнежи, на подрачјето на Општина Ресен дошло до излевање на Болнска и Источка река во селата Царев Двор и Дрмени, при што се поплавени над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделско земјиште, соопшти Центарот за управување со кризи.
„Поплави се евидентирани и кај с. Долна Бела Црква од излевањето на Голема Река, чиј моментален водостој изнесува 210 см.
Ангажирани се екипи на јавните претпријатија, „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“, како и приватни машини – вкупно 7 пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и интервенции. Во населбата Црквиште се користат сите расположливи пумпи за санација на поплавените објекти.
ЈП “Македонија пат“ информира дека на повеќе делници има наноси од земја, кои се расчистуваат по приоритет“.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, нагласуваат од ЦУК, е во постојана координација со градоначалниците на засегнатите општини.
„Поради обилните врнежи во повеќе региони низ државата се зголемени водостоите на реките, а има и поплавени терени, подруми и земјоделски површини. На терен се ангажирани екипи на јавните претпријатија, механизација и приватни компании за испумпување вода, расчистување и интервенции.
Состојбата, според ЦУК се следи во сите засегнати региони: Ресен, Битола, Демир Хисар, Охрид, Крива Паланка и околината.
„Дежурни екипи остануваат на терен и во текот на ноќта, а Центарот за управување со кризи будно ја следи состојбата и за понатамошни интервенции“.
Фото: принтскрин

