Македонија
(Видео) Филипче до Мицкоски: Зошто не дозволувате декласификација за случајот со АНБ, јавниот интерес треба да е пред сè
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната седница за пратенички прашања го повика премиерот Мицкоски да одговори зошто не дозволува декласификација на сите материјали поврзани со случајот со Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Филипче истакна дека е важно да се расчисти овој случај, не само за јавноста да ја дознае вистината, туку и за да не се фрли дамка врз професионалците вработени во АНБ, кои изминатиот период речиси и не беа споменувани.
„Зошто не дозволувате декласификација на сите тие материјали, секако со заштита на идентитетот на сите луѓе чии што податоци треба да останат доверливи, за јавноста конечно да дознае дали имало злоупотреба или не. Дали некој го прекршил законот или не? Треба ли некој да одговара?“, праша Филипче.
Тој посочи дека целата приказна потекнува токму од премиерот, кој претходно јавно најавуваше дека постојат индиции за негово следење.
„Вие вчера изјавивте дека не сте биле следени директно, туку индиректно, и сега се отвораат многу прашања. Прво, дали навистина имало злоупотреба и дали сте биле следени како лидер на тогашната опозициска партија? Дали биле следени и други лица или групации со кои сте комуницирале?“, додаде Филипче.
Тој нагласи дека со одбивањето да се декласифицираат документите, под изговор дека е во тек предистражна постапка во Јавното обвинителство, Владата не само што ја манипулира јавноста, туку директно ја потценува улогата на Собранието и го поткопува Уставот.
„Имајќи предвид дека пратениците се лица со соодветни безбедносни сертификати и имаат право на увид во вакви информации, тоа е нивна уставна надлежност – не треба да има мешање меѓу законодавната и извршната власт. Особено ако се земе предвид дека во минатото службите беа злоупотребувани за прислушување и слични активности, сметам дека е од исклучителен јавен интерес оваа афера целосно и детално да се расчисти. Според членот 21 од Законот за следење на комуникациите, секој материјал што претставува злоупотреба или содржи елементи на криминал, не може да остане класифициран“, заклучи Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

