Македонија
(Видео) Филипче: Нема гаранција дека прашањето со Бугарија ќе остане единствениот услов
Нема гаранција дека билатералното прашање со соседна Бугарија ќе остане единствениот услов за напредок во евроинтегративниот процес, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на националната конвенција за Европската Унија, оценувајќи дека најновиот извештај на Европската комисија е сериозен аларм за состојбата во која се наоѓа државата.
„Можно е да не биде единствен услов решавањето на билатералниот проблем со еден од соседите. Зошто? Затоа што не сме спремни. Нема никакво придвижување, ништо во делот на подготовките за отворање на кластерите, особено на првиот – fundamentals“, рече Филипче.
Како особено сериозен проблем го посочи недонесувањето на трите клучни патокази за владеењето на правото, функционирањето на демократските институции и јавната администрација. Според него, дури и да се изгласаат уставните измени, преговорите со ЕУ нема да може да почнат веднаш.
„Сега да се донесат уставните измени, ние утре нема да можеме да ги почнеме преговорите со Европската Унија, што ја става во прашање политичката волја на оваа владејачка гарнитура да направи нешто во делот на евроинтеграциите“, рече Филипче.
Тој посочи дека ваквата ситуација се случува во време кога Европската Унија испраќа јасни сигнали дека е подготвена за проширување и охрабрување на кандидатите.
„Јасни се сигналите од Европската Унија дека има волја да се стави акцент на процесот на проширување. На минатиот состанок, кога беше присутна амбасадорката на Данска, ги образложуваше приоритетите на данското претседателство со ЕУ и јасно посочи: ние бевме најголеми скептици за проширувањето, а сега даваме зелено светло и ги поддржуваме сите земји кандидати да продолжат со реформите затоа што проширување евидентно ќе има“, порача Филипче.
Тој истакна дека Северна Македонија го добила најлошиот извештај во последните повеќе од десет години.
„Жалам што го добивме најлошиот извештај од Европската комисија за нашата земја по повеќе од една деценија. Јасно е констатирано во извештајот дека изминатата година реформи нема. Мислам дека го кажав тоа и на претходниот состав на националниот совет – дека единствен полош извештај е тој во 2015 година кога сме оценети како заробена држава, но власта и сега го прави тоа“, рече Филипче.
Во своето обраќање тој предупреди дека доколку продолжи актуелната политика на застој и одбивање реформи, постои реален ризик државата да биде вратена назад во евроинтегративниот процес.
„Ако вака продолжиме, и тоа беше дел од дискусијата на националниот совет во минатиот состав, не сум сигурен, можеби Европската Унија ќе нѐ врати повторно на ниво на скрининг“, изјави Филипче
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

