Македонија
(Видео) Филипче: Се потврди труењето во Трубарево, барам истрага и оставки од надлежните министри
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска ја обвини Владата дека лажела за степенот на загадување и доцнела со реакција по неодамнешниот пожар во Трубарево, со што, како што рече, директно е одговорна за труењето на жителите од ова и околните населени места.
„Власта лажеше дека воздухот во Трубарево не е загаден, задоцни со реакција и не презеде никакви итни мерки за заштита на граѓаните, вклучително и евакуација. Со тие лаги е директно одговорна за труењето на луѓето во Трубарево и околината. Официјалните податоци, кои беа објавени дури шест дена по пожарот, покажуваат алармантни бројки: 12 пати над дозволеното ниво на кадмиум во воздухот (59,1 ng/m³ наспроти дозволени 5), покачени вредности на арсен и олово. Ова е воздухот што го дишеле нашите деца“, предупреди Филипче.
Тој порача дека одговорност мора да има и бара оставки од министерот за внатрешни работи, министерот за здравство и директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
„Барам итни оставки од министерот за внатрешни работи и министерот за здравство, како и од директорот Стојанче Ангелов. Барам обвинителството да отвори истрага и да одговараат сите кои дозволија со своето непостапување да се загрози животот и здравјето на луѓето.Итна истрага од Јавното обвинителство и кривична одговорност за сите службени лица кои со своето непостапување дозволија да се загрози животот и здравјето на граѓаните“, изјави претседателот на СДСМ, Филипче.
Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче наместо да глуми лажна загриженост за здравјето на луѓето да им се извини на граѓаните за тоа што во негово време како министер здравствениот систем беше во хаос, за жртвите во корона кризата, за недостатокот на медицинска опрема, за пожарот во модуларната болница. Филипче кој како министер за здравство не обезбеди кислород во болниците и кој ги остави граѓаните без заштита во најтешките моменти, денес држи лекции за одговорност и грижа за здравјето. Филипче да им се извини на граѓаните за сите катастрофи и за сето сторено во неговото време за сите здравствени, еколошки и национални порази. Каде беше Филипче зошто не одговараше и не побара одговорност за пожарот во модуларната болница во Тетово? За разлика од минатото денес институциите реагираат одговорно, а истрагата ќе покаже како дошло до пожарот во Трубарево. Вистинската опасност за здравјето и безбедноста на граѓаните се СДС и ДУИ“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Министерството за животна средина вчера ги објави резултатите од мерењата на квалитетот на воздухот во Трубарево по пожарот што изби минатата сабота. Според извештајот на акредитираната лабораторија, примероците земени на 13 и 14 септември покажуваат сериозно надминување на дозволените вредности на штетни материи во воздухот. ПМ10 честичките биле речиси двојно над максимално дозволената граница, со измерени 92,65 микрограми на кубен метар, наспроти дозволените 50. Концентрацијата на олово изнесувала 0,75 микрограми на кубен метар, и таа исто така ја надминува дозволената вредност од 0,5. Покачени биле и нивоата на арсен, со 8,9 нанограми на кубен метар, додека дозволеното ниво е 6. Најдрастично отстапување е забележано кај кадмиумот, каде што се измерени 59,1 нанограм на кубен метар, што е повеќе од десет пати над границата од 5.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

