Македонија
(Видео) Филипче: Состојбата со вирусот повторно се влошува, ако е потребно ќе има рестрикции
Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција најави дека за есенва се размислува за воведување на повеќе мерки како превенција од ширењето на коронавирусот.
Од нив тој го издвои задолжителното носење заштитна маска во сите јавни затворени простори како што се јавен превоз, маркети, банки, пошти, амбуланти, болници, институции, како и на отворени простори каде што нема можност за одржување растојание од два метра, како што се пазари, отворени трговски центри, тесни улици, автобуски постојки и слично.
Меѓу мерките е и предлог за ограничување на гостите на маса во угостителските објекти и забрането групирање.
„Наша цел е навремено да воведеме мерки кои ќе влијаат на спречување на ширењето на вирусот. Сакаме да избегнеме рестрикции на движење, но доколку тоа биде нужно секако дека ќе го направиме“, рече Филипче и додаде дека во текот на следната недела ќе ја информира јавноста за донесените мерки.
Тој исто така говореше за состојбата со епидемијата во нашата земја.
Филипче изјави дека состојбата кај нас како и секаде во Европа се влошува со завршувањето на летото.
„Според анализата на Комисијата за заразни болести, од почетокот на епидемијата најголем број на случаи се регистрирани во Скопје“, рече Филипче.
Од анализите на епидемиолошките анкети на новозаразените се покажало дека тие не ги почитувале мерките, учествувале во собири и не држеле дистанца.
Статистиката покажува дека пацинетите над 60 години се најзастапени меѓу заразените, посочи министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На Клиниката за неврологија отворен ден за граѓаните за подигнување на свесноста и превенција од мозочен удар
По повод Светскиот ден на мозочниот удар – 29 октомври, Универзитетската клиниката за неврологија, утре организира отворен ден за граѓаните за подигнување на свесноста за превенција, препознавање на симптомите рана дијагностика и навремено лекување на мозочниот удар, под мотото „Мозочниот удар се лекува“.
Во рамките на настанот, на 28 октомври 2025 година (вторник), ќе се врши бесплатен доплер на каротидни артерии за сите заинтересирани граѓани, без потреба од упат, во периодот од 10:00 до 12:00 часот, во просториите на Клиниката за неврологија.
Со овој настан, Клиниката велат од таму, испраќа порака за важноста на редовните прегледи и контролата на ризик факторите кои можат да доведат до мозочен удар, како што се покачен крвен притисок, шеќер во крвта, зголемени масти, пушење и седечки начин на живот.
Македонија
Уапсени двајца полицaјци осомничени за разбојништвото на златарницата во Гостивар, се трага и по други лица
Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе кривична пријава против две лица поради сомнение дека како соизвршители учествувале во извршување на кривично дело „разбојништво“ по член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените се лишени од слобода во текот на вчерашниот ден, соопшти полицијата.
Тие на 10.10.2025, заедно со други засега непознати лица, влегле во златарница во Гостивар и со сила и закана со огнено оружје одзеле 18 килограми злато.
Двајцата осомничени се полициски службеници од ОВР Кичево, кои се договориле и направиле план за грабежот заедно со другите лица за кои интензивно се преземаат дејствија за пронаоѓање. Осомничените учествувале во подготовките со извиди на локацијата и на работата на златарницата два дена пред грабежот. На самиот ден, тие со службено возило на МВР го обезбедувале патот на двете возила искористени за грабежот во Гостивар, од кои едното потоа е пронајдено запалено на магистралниот пат Гостивар-Дебар, додека другото е пронајдено напуштено во Кичево, во близина на сточниот пазар.
„МВР во координација со ОЈО Гостивар презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот“.
Македонија
Општина Центар: Отстранети двете паднати дрвја
Општина Центар известува дека екипите на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и ЈП „Паркови и зеленило“ навремено интервенираа и ги отстранија двете дрвја кои паднаа во близина на ООУ „Киро Глигоров“.
Благодарение на нивната брза реакција, улицата е целосно расчистена и повторно ставена во функција, додаваат од општината.

