Македонија
(Видео) Филипче: Со изолацијата на земјата од ЕУ страдаат граѓаните, страда државата
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска во одговори на новинарски прашања предупреди дека актуелната влада свесно ја носи државата во изолација, со директни последици врз економијата, транспортниот сектор и секојдневниот живот на граѓаните.
„Со националистичка реторика, со лажна пропаганда дека сите се предавници на националните интереси, ветуваа подобра преговарачка позиција со Европската Унија. Што направија? Ја изолираа земјата. Гледајте каде сме ние, гледајте какви проблеми има, гледајте какви протести има. Ќе страда индустријата во следниот период, нема повеќе да функционира како што функционираше досега транспортниот сектор. Камионџиите ги блокираат граничните премини, не без причина. Тие имаат реален проблем. Но владата знаела од 2025 година и не презела ништо. Една од работите што најмногу загрижува е антиевропската реторика на оваа влада и лоцирањето на вината во сѐ во Европа, додека тие домашната работа не ја сработуваат“ рече Филипче.
Тој нагласи дека Европската Унија известила за овие одлуки за новите регулативи, но дека Владата на Мицкоски не презела ништо со месеци.
„Знаевме дека во 2025-та година таква одлука донесе Европската Унија, се поставува прашањето што Владата направи на тоа поле?“ рече претседателот Филипче.
Тој додаде дека ваквото неодговорно однесување води кон сè подлабока меѓународна изолација:
„Ние ќе бидеме сè повеќе и повеќе изолирани со оваа влада на маргините на Европската Унија. Гледајте како Соединетите Американски Држави исто така не ставаат по страна. Оваа влада нема покана за бордот за мир на претседателот Трамп и новата администрација, има други земји во регионот.“
Филипче додаде дека станува збор за намерна стратегија на изолација.
„Тоа е само доказ дека владата намерно ја води земјава во изолација, носејќи сомнителен капитал, соработувајќи со авторитарни режими во регионот, гушејќи ја демократијата и слободата на говор и тоа едноставно не води никаде. Една од работите што најмногу загрижува е антиевропската реторика на оваа влада и лоцирањето на вината во сѐ во Европа, додека тие домашната работа не ја сработуваат. Очигледно е дека владата не прави ништо, а не правејќи ништо ние ќе бидеме сѐ поизолирани. Граѓаните ќе имаат сѐ поголем проблем. И не се само превозниците. Многу други граѓани имаат проблем на повеќе нивоа. Со оваа влада, со изолацијата која што намерно се наметнува, сè страда во државата. Сè буквално“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.

