Македонија
(Видео) Царовска, Бајрактар и Шкријељ: Драчево добива нова градинка за 125 деца
Нова, енергетски ефикасна градинка се гради во Драчево, во општина Кисела Вода. Градинката е наменета за 125 деца, од сите возрасни групи. Вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, и градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, направија увид во градежните работи што се изведуваат за дополнителниот објект за предучилишно образование.
„Во овие две и пол години инвестиравме 180 милиони денари во инфраструктура и покажавме дека предучилишното образование е приоритетна тема за оваа Влада. Дополнително, ги зголемивме платите кај воспитувачките и негувателките за 26% со цел да инвестираме во квалитетот на предучилишното образование. Се развиваат и нови модерни програми во градинките, коишто понатаму би требало да дадат подготовка на децата за современите начини на живеење, за да можеме да добиеме попродуктивни граѓани. Инвестицијата во предучилишно образование е најисплатлива инвестиција за секоја држава затоа што така создавате деца коишто понатаму во школувањето постигнуваат подобри резултати и се поподготвени да ја движат економијата“, изјави заменичка на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Царовска, додавајќи дека со отворање на услуги во заедницата, меѓу кои и отворање градинки, жените добиваат можност поинтензивно да се вклучат на пазарот на труд.
Градинката ќе се простира на површина од 600 квадратни метри, на приземје и еден кат. Таа, според заменик-министерот за труд и социјална политика, Бајрактар, ќе ги намали листите на чекање за градинка на децата од ова населено место.
„Целта на Министерството и на оваа Влада е да опфатиме што повеќе деца во предучилишно образование. Битна ни е не само згрижувачката туку и воспитната функција на предучилишното образование, и затоа тоа треба да биде достапно и задолжително за сите деца“, укажа Бајрактар.
Според дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Шкријељ, зголемувањето на капацитетите за деца од предучилишна возраст е важно затоа што обезбедува еднакви можности и еднаков старт на секое дете.
„Токму затоа во изминатиот две и пол годишен период инвестиравме во градинки, посебно во руралните средини, кои долго време беа запоставени со цел да обезбедиме еднакви можности како за децата од урбаните така и од руралните средини. Во буџетот на Министерството за 2020 година издвоени се 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градинки. Дополнително, со помош од Светска банка, обезбедени се 15 милиони евра. До крајот на 2024 година е планирано да се креираат нови 7.500 места за згрижување деца од предучилишна возраст. Сакам да напоменам дека работиме не само на инфраструктурата, туку силно инвестираме и во програмите за рано учење и развој. Нашата држава во изминатите две години беше прва држава во регионот којашто ги пилотираше програмите за социо-емоционален развој, кои од оваа година ќе се применуваат на национално ниво“, посочи Шкријељ.
Општина Кисела Вода ќе добие градинка по сите стандарди, нагласи и градоначалникот на Кисела Вода Темелковски.
„Рокот на изведба на објектот е 16 месеци. Уверен сум дека дечињата од Драчево ќе имаат одлични услови за предучилишно образование. Во изминатите две и пол години имавме одлична соработка со Министерството, се решија многу проблеми, пред сè вработувањето на голем број негуватели и воспитувачи кои со години беа држени со договор на дело. Со тоа и нашите деца добија поквалитетно претшколско образование“, изјави Темелковски.
Општината планира изградба на уште една градинка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

