Македонија
(Фото+видео) Цветаноски: 780.000 евра за два тендери, перење пари за промоција на Мицкоски
„Владата склучила договор со бугарска фирма за фотографирање, снимање видеа и спроведување кампањи. Не за граѓаните, туку за промоција на Мицкоски и неговите „успеси“. И тоа – не било каде, туку преку бугарска компанија“, рече денеска на прес-конференција Симона Цветаноски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
„Додека во Македонија граѓаните едвај преживуваат, не можат да наполнат цела кошничка во маркет, Владата ќе фрла астрономски суми, 1.500 денари за една фотографија и над 15.000 денари за едно видео. Вкупно 380 илјади евра! Претходно Владата склучи договор вреден 400.000 евра за анкети за мерење на рејтигнот на Мицкоски. Анкети, спотови, слики – 780.000 евра народни пари за да се продава лажната слика“, вели Цветаноски.
Таа обвини дека „додека семејствата на загинатите во Кочани немаат никаква поддршка од владата, додека болниците немаат никакви услови, кочанската болница е во хаос, Владата предводена од Мицкоски троши милиони од државниот буџет за да си го „билда“ рејтингот“.
„Пари за реални проблеми нема. Пари за болници нема. Пари за семејства од Кочани – нема. Но затоа има пари за „спотче“, сликичка и комуникациски кампањи за Мицкоски! 780 илјади евра за маркетинг на владата само со две јавни набавки! Ова е класичен грабеж и перење на народни пари и ништо друго“, истакна Цветаноски на прес-конференцијата.
Од СДСМ ги повикаа Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство да отворат постапки за овој случај.



На прес-конференцијата реагираше ВМРО-ДПМНЕ.
„Најновиот тренд на СДС е да создава хистерија околу текот и постапката на спроведувањето на тендерите, за да се покори неконструктивноста и безидејноста на Филипче и СДС.
Нивната тактика е секој тендер да го прикажат за криминален, без да изведат некакви докази. Се расфрлаат со бројки и воопштени квалификации со цел да внесат сомнеж иако за своите тврдења немаат никакви докази.
Распишувањето на тендери не е криминал, но провизиите од тендери за вакцини против корона какви набавуваше Венко Филипче е криминал.
Веројатно се работи за потсвест и меморија уште кога СДС беше власт па во секој тендер гледа криминал, но Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи во согласност со законите и процедурите, штитејќи го интересот на граѓаните.
Вистината е дека тендерите за кои збори СДС генерално се истите и со истата тематика како и во времето на нивната влада. Разликата е тоа што тогаш исклучиво сите тендери ги добиваше омилената агенција Рејтинг на Спасов, агенцијата која и сега го работи ПР на СДС, а денес има конкуренција и цените паѓаат. Да потсетиме дека СДС беше партијата која потроши милиони евра за измислен настан во Борис Трајковски.
Главното прашање денес не е зошто се распишуваат тендери, туку што има незаконско во нив?
Одговорот е дека се е законски.
Овие прес-конференции на СДС се обид за ширење на хистерија за оттргнување на фактот што тие се безидејни и синоним за криминал, неспособност и предавства“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

