Македонија
(Видео) Чибишев: Нема да изненади ако се потврдат шпекулации дека власта ги крие бројките на новозаболени
Ситуацијата со коронавирусот целосно излезе од контрола. Mинистерството за здравство, Комисијата за заразни болести и надлежните институции засега немаат решение за неконтролираното влошување на состојбата, изјави д-р Андон Чибишев.
„Но, затоа знаат со голема леснотија да го менуваат бројот, односно да го зголемуваат бројот на новозаболени во едно деноноќие. Нема да изненади ниту ако се потврдат шпекулации дека власта ги крие бројките на новозаболени, истите ги дозира, а целта е таа – да не се остави впечаток дека нема услови ниту на 5 јули да се одржат избори. Со тоа ќе се исполнат инструкциите да се креира лабава атмосфера на новото нормално.
Ова е поигрување со здравјето на граѓаните! Срамен чекор на власта!
Сведоци сме на влошување на сите параметри кои нè водат кон епидемиолошка катастрофа со несогледиви последици. Ваквите бројки нè искачија на врвот, ама на оној каде се бројат заболените и починатите од Ковид-19 вирусот!
За жал, неколку дена имаме најмногу заболени и починати од Kовид-19 на милион жители од сите држави во најблиското опкружување!
Додека земјите од регионот веќе подолг период, неколку седмици, немаат заболени, или имаат по еден-двајца, ние сигурно се движиме кон пикот со двоцифрени бројки на новоинфицирани во едно деноноќие. Во последните два дена Македонија има повеќе новозаболени колку што имаат сите држави од опкружувањето заедно.
И на сето ова, во јавноста излегуваат неодговорни политичари и нè убедуваат дека ситуацијата се стабилизира и вирусот слабее и дека сега е моментот кога треба да одиме на избори! Тоа се опасни и крајно несериозни тези кои за кратко време можат да нè доведат во многу тешка ситуација каква што гледавме во некои европски држави.
Дали надлежните институции ја чувствуваа загриженоста на граѓаните, бизнисмените, студентите, учениците, оние кои три месеци претходно беа во првите редови во борба со пандемијата? Очигледно е дека Комисијата за заразни болести, наместо да работи и дејствува независно и стручно, работи по диктат на политичарите носејќи мерки и одлуки кои се менуваат на дневна основа и предизвикуваат несигурност кај граѓаните.
Свестете се! За здравјето на граѓаните станува збор“, порача Чибишев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Со над 40 амандмани ги заштитивме зголемувањата на платите
Со над 40 амандмани ги заштитивме зголемувањата на платите, факти кои денес ССМ ги премолчува, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Истите тие кои денес зборуваат за недостиг од социјален дијалог, ги потсетуваме на јануари 2024 година, кога тогашната влада на СДС и ДУИ поднесе пакет закони со кои сакаше суштински да ја смени методологијата за пресметката на платите. Да бидеме целосно прецизни. Со тие законски измени се предвидуваше минималната плата повеќе да не биде дел од формулата за пресметка на платите на административните службеници и покрај тоа што истото беше дел од колективниот договор кој тогаш го потпишаа ССМ и владата на СДС. Тоа ќе значеше дека секое идно зголемување на минималната плата нема автоматски да се одразува врз останатите плати во јавниот сектор. Или да кажеме појасно – прекин на линеарниот раст и слабеење на заштитниот механизам за работниците“, рече тој.
Дополнително, додаде Стојаноски, последните измени на текстот тогаш не беа ставени ниту на ЕНЕР, а синдикатите тогаш јасно посочија дека првпат се запознале со предлог-законот од веб-страницата на Собранието.
„Немаше вистинска јавна расправа. Немаше суштински социјален дијалог преку Економско-социјалниот совет. Кој реагираше тогаш ? Тогашното раководство на ССМ дојде во Собранието. Заедно со нас, како тогаш опозициска ВМРО-ДПМНЕ, поднесовме амандмани и го спречивме носењето на тој закон. Не дозволивме минималната плата да биде исфрлена од формулата. Не дозволивме платите да станат одвоени од реалниот раст на минималната плата. Токму затоа денеска платите растат секогаш кога расте минималната плата“, рече пратеникот.
Стојаноски вели дека еден од тие суштински амандмани бил токму предлог на ССМ – минималната плата и понатаму да биде дел од пресметката, со што линеарно би се зголемувале и другите примања.
„Затоа прашањето денес е едноставно: Зошто се премолчува што се случуваше во 2024 година? Зошто денес Трендафилов не го кажува тоа? Зошто не се кажува дека токму со заедничка акција го заштитивме принципот минималната плата да остане основа за пресметка? Ние тогаш не дозволивме набрзина, со европско знаменце и скратена постапка, да се протне решение што ќе ги чини работниците. Денес, како власт, продолжуваме да го почитуваме истиот принцип – системски, институционално и со јасни правила“, рече Стојаноски.
Македонија
(Фото) Изгореа викендица и куќа, се запали оџак: три интервенции на струмичките пожарникари
Струмичките пожарникари денеска уште во раните утрински часови имаа три интервенции.
Во 06.55 часот, во излетничката населба Суви Лаки, запалена викендица, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители и ТППЕ Берово со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.
Во 08.12 часот, на улица Бетовенова, запалена куќа, интервенирано со три противпожарни возила и 8 пожарникари-спасители.

Во 09.48 часот, во село Муртино, запален оџак, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.

„Во случај на пожар или друга природна непогода повикај 112 или 193“, апелираат струмичките пожарникари.
Македонија
Хоџа-Јаупај: Јакнење на координираната заштита на прекуграничните подрачја
Во рамки на Министерскиот форум за Коридор 8 во Тирана, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, се сретна со министерот за животна средина на Албанија, Софјан Јаупај.
Министерот Хоџа на средбата ја истакнал важноста од заедничка координација во заштитата на прекуграничните подрачја и во спроведувањето на европските стандарди за зачувување на биодиверзитетот и справување со климатските предизвици.
Тој нагласил дека регионалната соработка е клучна за обезбедување одржлив развој и за забрзување на европската интеграција на земјите од регионот.
„На средбата се разговараше за зајакнување на соработката меѓу двете земји во областа на заштитата на животната средина, управувањето со природните ресурси, третманот на отпадот, како и за унапредување на заедничките проекти во рамки на европската зелена агенда. Министерот Јаупај изрази подготвеност за продлабочување на институционалното партнерство и за реализација на конкретни иницијативи што ќе придонесат за подобрување на квалитетот на животната средина и животот на граѓаните во двете земји“, соопшти Министерството.
Двајцата министри се согласиле соработката да се интензивира преку размена на искуства, заеднички проекти и координација во регионални и меѓународни форуми, со цел заштита на животната средина и промоција на одржлив развој во регионот.

