Македонија
(Видео) Чулев: Кривична пријава против директорот на „Еурокомпозит“
Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, изјави дека е поднесена кривична пријава против генералниот директор на „Еурокомпозит“ и неговиот стручен соработник од Прилеп, поради злоупотреба на службената положба.
„Тие со намера да извлечат пари од сметката на фирмата, без консултација со службите во правното лице и одборот на директори пристапиле кон наводна реализација на договор во вредност од 1.725.000 евра за испорака на 15.000 рударски шлемови за фирма во Гана и по цена повеќекратно повисока од реалната. Конкретниот договор за извршување на услугите не е евидентиран во архивата на претпријатието и целосната коресподенција се одвивала преку приватните е-адреси на одговорните лица во претпријатието. Со ова тие нанеле штета на буџетот на претпријатието за повеќе од 3 милиони денари“, истакна Чулев.
Kривична пријава e поднесена и против три лица, и тоа раководителот на ЈП „Македонски шуми“ ПШС „Црн Бор“ Прилеп, К.Б и двајца референти Р.Л И К.М.
„Тие со пречекорување на границите на своите службени овластувања, односно со неизвршување на својата службена должности и со пропуштање на должен надзор овоможиле извоз на 157 метри кубни огревни дрва – прва класа, а издале испратници спротивно на договорот за купопродажба на огревни држа, како остатоци во сеча – отпад со што нанеле штета во буџетот на јавното претпријатие“, додаде Чулев.
Справувањето со криминалот и корупцијата е во фокусот на Министерството за внатрешни работи и во таа насока и во иднина ќе бидат преземени мерки за целосно и неселективно спроведување на законот и казнување на сите оние кои со своите активности ја прекршиле законската регулатива, заклучи Чулев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода дел од Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради давање водоводен приклучок од ф – 200 мм на улицата Титотвелешка б.б без вода ќе останат корисниците од населба Маџар Маало, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.30 часот па се до завршување на работата.
Македонија
Oблачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег
Oблачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен прaвец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 10 степени.
Во Скопје, облачно и магловито, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Времето во наредните денови
До почетокот на следната седмица следува период на претежно облачно време со локални врнежи од дожд на пониските и дожд и снег на повисоките места.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.

