Македонија
(Видео) Шахпаска: Новата градинка во Ресен е пример за концептот „Едно општество за сите“
Премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, заедно со градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски, денеска ја отворија новата градинка „Јаболче”.
Како што истакна Заев, Владата продолжува да ги зголемува капацитетите на градинките во целата држава и да вложува во развојот на децата уште од најрана возраст.
„Високо на агендата на Владата е да обезбеди услови за правилен детски развој. Само во последните три месеци отворени се пет нови градинки во Гостивар, Сарај, Илинден, Лозово, Брвеница, еве денеска и во Ресен, со што е зголемен опфатот за 415 места. До крајот на годината ќе се отворат и градинките во Куманово, Боговиње, Босилово и во гевгелиското село Прдејци, со што ќе се зголеми капацитетот за уште 189 деца“, рече премиерот.
Министерката Шахпаска се осврна на заложбите на Министерството за труд и социјална политика за изградба на градинки што ги следат сите стандарди за правилен детски развој.
„Новиот објект ‘Јаболче’ при Јавната установа за згрижување деца ’11 Септември’, ќе згрижи 102 деца организирани во 5 групи. Оваа градинка е пример за концептот ‘Едно општество за сите’ затоа што тука заедно ќе бидат згрижени деца од македонска, албанска и од турска етничка заедница. Во особено кратко време, за 10 месеци, од руиниран и запуштен објект на некогашно училиште успеавме преку целосна реконструкција и адаптација да направиме еден прекрасен објект, кој притоа ги задоволува стандардите за енергетска ефикасност и има систем на еколошко греење. За целиот проект Министерството инвестира речиси 29 милиони денари во градежниот дел и во опремување на градинката. При проектирање на самиот објект особено е посветено внимание за пристапност до објектот, која е обезбедена преку пешачки патеки и рампи за совладување на висинските разлики и пристап на лицата со попреченост“, заклучи министерката Шахпаска.

Градоначалникот на општина Ресен се осврна на важноста од овој објект за градот.

„Овој објект претставува капитален проект, кој е од огромна важност за нашата мала општина и навистина се гордееме со него. Владата и ние како локална власт се грижиме за нашите најмлади, обезбедуваме квалитетни услови за ран детски развој. Изградивме градинка според европски и светски стандарди, онакви во какви што нашите деца треба да растат, да се развиваат и да учат“, истакна Гошаревски.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

