Македонија
(Видео) Шахпаска: Речиси 5.000 деца Роми се вклучени со проектот „Инклузија на децата Роми во предучилишното образование“
Образованието во раното детство игра клучна улога во развојот на децата и има значајни позитивни социо-економски ефекти врз целото општество. Развојот на интелектуална љубопитност, истрајностa, социјалните вештини и емотивната стабилност во текот на детството се еднакво важни за успехот на децата во доживотното учење, социјалната интеграција, личниот развој и подоцна при вработувањето“, рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на денешниот завршен настан на кој се презентираа постигнатите резултати од проектот „Инклузија на децата Роми во предучилишното образование“.
Отстранување на постојните бариери за пристап до предучилишните установи на децата Роми на возраст од 3 до 6 години, инклузија на децата и нивна социјализација, како и зајакнување на свеста кај нивните родители за важноста на раниот детски развој и образованието на своите деца, се целите што беа поставени со овој проект, кој е од огромно значење за припадниците на ромската популација.
Министерката Шахпаска информира дека во текот на изминатите 15 години од имплементацијата на проектот бесплатно биле вклучени речиси 5.000 деца од ромската етничка заедница во 20 општини, а за таа цел биле ангажирани 20 негувателки Ромки, како и 17 медијатори што работат на проектот во соработка со градинките, негувателките и проектниот тим.
„Важно е да се напомене дека ромските деца не се сместени во сегрегирани групи во градинките, туку во интегрирани групи заедно со децата од другите заедници што живеат во Република Северна Македонија. Ова е уште еден доказ дека градиме општество еднакво за сите, општество што интегрира, а не сегрегира“, истакна министерката.
Проектот „Инклузија на децата Роми во предучилишното образование“ во учебната 2020-2021 година беше имплементиран во 20 општини, при што беа опфатени вкупно 120 деца, бројка што ќе беше далеку поголема ако не беше пандемијата на Ковид-19 и пропишаните протоколи.
Министерката Шахпаска посочи дека овој проект придонесе и за зголемување на стапката на запишување на децата во прво одделение, кое значително го подобрува развојот на децата Роми и вклучувањето во образовниот систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со дожд за Божик, на планините снег
Времето денес променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта.
На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.

