Македонија
(Видео) Шахпаска: По 15 години деблокирана е изградбата на железницата Куманово – Бељаковце – К.Паланка
Државниот долг е 30.4 отсто, а јавниот долг, според последните официјални информации, е 46 отсто, што е многу далеку од тоа што вие го проектиравте, истакна пратеничката на СДСМ, Јагода Шахпаска, во реплика на денешната собраниска седница. Таа посочи дека работењето на оваа Влада е транспарентно и отчетно, што не беше пракса за работењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога беа на власт.
„Време кога не се знаеше ниту колку вработени има администрацијата, ниту колку се долговите на општините. Со доаѓањето на СДСМ на власт имаме бројка јавно достапна за број на вработени, а исто така оваа власт со посебна мерка обезбеди исплата на 50 отсто на долговите на општините, со цел нивно деблокирање и нивно непречено функционирање. Вие го направивте проектот Скопје 2014 година, но не го исплативте. Сето тоа се долгови кои актуелната власт ги наследила и ги менаџира.
Конечно, за првпат по 15 години деблокирана е изградбата на железницата Куманово – Бељаковце, каде што за 15 години беа изградени само 23 отсто од неа. Оваа пролет можеме да очекуваме финиширање на првата фаза на железницата Куманово – Бељаковце – Крива Паланка.
Таа додаде дека обезбедени се и два гранта за изградба на втората фаза од 68 милиони евра и за третата фаза од 60.8 милиони евра, за оваа железничка линија.
Истовремено изградена е и пругата од Битола до Кременица кон граничниот премин со Грција во должина од 16 км, за што беа издвоени 21 милион евра. Од тука произлегува дека тезата дека ништо не се гради не е точна.
Во насока на зачувување на животната средина и борбата против аерозагадувањето е и обезбедувањето на 40 милиони евра за набавка на екоинвертори за домаќинствата во најзагадените градови Скопје, Тетово, Битола и Кичево. Што воедно е прва мерка од ваков тип со цел намалување на загадувањето“, заврши Шахпаска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

