Македонија
(Видео) Шилегов го отцепи Бутел од Скопје, затворени две улици
Нема возач ниту, пак, патник во ЈСП што не го пцуе скопскиот градоначалник Петре Шилегов додека минува низ Бутел последнава недела. Километарски колони возила се создаваат околу кружниот тек во близина на Општината оти од минатата недела тој е единствениот начин од Центар да се стигне до Бутел, Радишани и околните населени места. По налог на градоначалникот Шилегов, затворен за сообраќај е дел од улицата Цетињска кој претставува продолжение на булеварот Христијан Тодоровски Карпош и единствена алтернатива за да не се минува низ кружниот тек. Третиот пристап, пак, до Бутел 1, улицата Александар Урдаревски, е затворена за сообраќај уште од лани летото, поради реконструкција што се одолговлекува со месеци.
Бутелчани велат дека Шилегов насила го отцепил Бутел од останатиот дел од градот бидејќи ја затворил и Цетињска, а не ја довршил реконструкцијата на Александар Урдаревски па сега сиот сообраќај е насочен кон кружниот тек кој не може да ги прими сите возила.
„Колоните се подолги од оние на грчка граница и само нашиот кружен тек го регулираат двајца полицајци. Наутро и попладне е толку заглавено што нема каде да помине ни Брза помош ни пожарна, не дај боже да има потреба од нив, ќе умираме и ќе гориме“, велат бутелчани.
Од Град Скопје велат дека нема решение за метежот уште најмалку еден месец.

„Во согласност со изведбениот проект во оваа фаза на реализација на булеварот Христијан Тодоровски Карпош, треба да се изведе спојување на атмосферската и фекалната канализација со постојната подземна инфраструктура на улицата Цетинска. Изведбените решенија се затекнати и врз основа на нив претходно се изработени времени сообраќајни решенија кои треба да ги спроведе сообраќајната полиција за регулација на сообраќајот и непречено движење на возилата и јавниот превоз. Работите на оваа фаза треба да завршат надоцна до 15 април, оваа година“, велат од Град Скопје.
Затворена за сообраќај останува и улицата Александар Урдаревски. Рокот за нејзино завршување, според последната најава на градските власти, е првата седмица на мај. Работите се одолговлекле поради зимските и влажни денови. На улицата веќе биле завршени инфраструктурата и тротоарите, а останал за уредување само коловозот.

Метежот од Бутел се пренесува и на сите околни крстосници, а автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) кои минуваат низ оваа неселба доцнат и во другите делови на градот. Скопјани од Нерези и Козле се жалат дека веќе една недела на автобуските постојки се собираат луѓе како на митинзи.
„Четириесет минути чекав 57 во Козле. Кога сериозно задоцнив на работа морав да барам такси. Шилегов треба да најде начин да нè обесштети за доцнењето на работа. Не можеме да сметаме на јавниот превоз кој ние го плаќаме“, вели скопјанка револтирана од доцнењето на автобусите на ЈСП.

Град Скопје не одговори на прашањата на „Макфакс“ дали ќе најдат начин да им надоместат на скопјани за изгубените дневници и доцнењето на работа, а не одговорија ниту на прашањето зошто ја затвориле Цетињска без да ја довршат улицата Александар Урдаревски. Од ЈСП тврдат дека сите поаѓања на линиите кои минуваат низ Бутел се навремени, а доцнење се јавува во текот на движењето поради градежните активности. Не можат да најдат ниту времено решение за автобусите да не доцнат оти не можеле да влијаат на градежните активности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
30 домови во скопската општина Сарај се под вода по обилните дождови
Повеќе од 30 домови во скопската општина Сарај се поплавени, теренските екипи интензивно интервенираат
Градоначалникот Мухамед Елмази објави дека во кризниот штаб се ангажирани Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, противпожарните единици од Тетово, Противпожарната бригада на Градот Скопје, екипи од Општина Ѓорче Петров, НПК Сарај, како и полициската единица Сарај.
„Искрено им се заблагодаруваме на сите институции и тимови за нивниот професионален, посветен и солиден ангажман во справувањето со оваа ситуација.
За време на состанокот беа дискутирани понатамошните чекори што треба да се преземат за целосно санирање на последиците, поддршка на погодените семејства и превентивни мерки за избегнување слични ситуации во иднина.
Надлежните институции и служби остануваат во целосна готовност и ќе продолжиме да ги информираме граѓаните за сите нови случувања“, објави Елмази.
Македонија
Во изминатите девет часа најмногу дожд во Гевгелија, Штип и Попова Шапка
Во изминатите девет часа, до 16 часот денеска најмногу дожд наврнал во Гевгелија – 23 литри на метар квадратен, потоа Штип – 16, Попова Шапка – 14 и Берово – 12 л/м2, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи – Скопје.
По 10 л/м2 наврнале во Крива Паланка и Виница, 8 во Ѓуриште, 6 во Маврови Анови и Лазарополе, 5 во Крушево, 4 во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Струмица и Пожаране, 3 во Битола, по 2 во Охрид, Велес, Кавадарци и Демир Капија и 1 л/м2 во Прилеп.
Од УХМР информираат дека на повеќе места низ земјава има интеракција на подземните и површинските води и појави на заезерувања од самите врнежи. До крајот на денот се очекува висок водостој на река Вардар, река Црна и на река Треска. На останатите помали реки се очекува постепена стагнација и намалување на водостојот во вечерните часови.
Времето до крајот на денот ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта на планините во северозападните делови врнежите од дожд ќе преминуваа во врнежи од снег. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Управа за хидрометеоролошки работи, претходно околу 14:00 часот информира дека на хидролошката станица на река Вардар во Балин Дол е регистрирано намалување на водостојот на реката, но тој сеуште останува висок и постои опасност од излевање на реката во гостиварскиот регион, додека во наредните часови водниот бран ќе се движи низводно кон Полошката Котлина и Скопје, каде што се можни локални излевања и заезерувања во Полошката Котлина.
И во Скопје ce очекува висок водостој на реката Вардар, при што е зголемен и водостојот на реката Лепенец.
Поради зголемениот водостој на реките Кадина и Маркова, како и поради водите што не пристигнат од Горен Вардар, од УХМР информираат дека можни се локални заезерувања низводно од Скопје, на потегот околу селата Зелениково, Орешани и Таор.
Водостојот на реката Треска е во пораст и можни се излевања кај селата Пласница и Лисичани. Водостојот на реката Зајашка останува висок, со тенденција за благо намалуване во наредните часови.
Во сливот на реката Црна можни се заезерувања во Демирхисарскиот регион и Пелагониската Котлина.
Македонија
УХМР: Претпазливо движење покрај реките и суводолиците низ земјава
Според податоците од хидролошките станици низ земјава, останува висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот со можност за заезерувања и локални излевања во Полошката Котлина, а регистриран е прилично висок водостој и на река Кумановска и река Треска, во чии сливови се можни локални излевања, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Од УХМР, исти така, предупредуваат на претпазливо движење покрај реките и сууводолиците низ земјава.
-Регистриран е прилично висок водостој на река Кумановска и во нејзиниот слив се можни локални излевања на реките и суводолиците. Исто така, на река Треска останува исклучително висок водостојот и во нејзиниот слив се можни локални излевања, а надојдената вода е можно да претставува опасност и по столбовите на дел од Мостовските конструкции – информираат од УХМР.
На останатите водотеци на западот од земјата остануваат високи водостоите но се со тенденција на намалување. На истокот засега има помали зголемувања на водостоите на реките, иако беа забележани локални и изолирани појави на интензивни поројни врнежи во поедини делови.
-До крајот на денот се очекува да остане висок водостојот на река Вардар во горниот дел, а во текот на вечерта и за време на ноќта да има зголемување на водостојот низводно од Скопје (Јурумлери, Орешани, Зелениково, Таор) како и во Велес. Исто така и на река Треска се очекува да остане исклучително висок водостојот до крајот на денот и вечерта – информираат од УХМР.

