Македонија
(Видео) Шилегов: Додека некој правеше фасади од стиропор, ние реконструираме средни училишта
Денес, сакам да потсетам на уште една клучна разлика меѓу движењето напред кон прогресот и развојот на Скопје и влечењето назад заради нечии криминални интереси. Оваа година ја почнавме реконструкцијата на објектот на средното училиште „Кочо Рацин“ во скопската општина Ѓорче Петров. За оваа реконструкција инвестиравме 52 милиона денари од буџетот на Град Скопје. „Кочо Рацин“ е последното 14-то училиште што добива нова енергетски ефикасна фасада, а други реконструкции на објектите беа направени во сите 23 средни училишта на Град Скопје, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на денешната прес-конференција.
„Овие реконструкции на фасадите ги почнавме пред 3 и пол години со пренамена на средства во висина од 70 милиони денари, кои тогаш беа наменети за барокни фасади во центарот на градот како дел од криминалниот проект ‘Скопје 2014’. И токму тука е главната разлика на она што го правиме денес и она што некој друг го правеше во минатото. Додека некој правеше фасади од стиропор и споменици од бронза, ние реконструираме средни училишта, градиме нови булевари, развиваме велосипедска мрежа“, нагласи Шилегов.
„Нашите приоритети ги одредија граѓаните, нивните ги одредува Груевски, кој сега токму поради тоа е во Будимпешта. Денес со гордост можам да кажам дека ја остваривме и оваа цел – сите средни училишта на Град Скопје да имаат енергетски ефикасни фасади и просторни услови за нормално одвивање на образовниот процес“, порача Шилегов.
Тоа го направивме, како што рече, и за учениците и за вработените во училиштата.
„Чистата енергија што води до чиста животна средина е наша важна стратешка заложба, која се проткајува низ речиси сите проекти што ги реализиравме во изминатиот период. Скопје може и мора да биде енергетски ефикасен град бидејќи Скопје е град за сите и Скопје е една поинаква приказна“, додаде Шилегов.
„Скопје може и мора да продолжи напред со создавањето квалитетни услови за образование на нашите деца, на нашите најсакани. За да можеме да продолжиме заедно во оваа насока, в недела е потребен вашиот глас. Ајде да се обединиме за прогресот на Скопје. Секој глас е важен. Секој глас одлучува. Да не дозволиме Скопје да се врати назад и наместо да вложуваме во едукација и образование, да трошат на камен, стиропор и бронза. Вие одлучувате. Скопје мора да продолжи напред. Нашите деца, сите ние го заслужуваме тоа“, повика Шилегов на крајот од денешната прес-конференција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мобилните царински тимови лани реализирале 271 заплена и спречиле 28 кривични дела
Мобилните царински тимови во текот на минатата година оствариле 271 случај на заплени, при што во 39 случаи запленети се 5.500 штеки цигари и 27,5 килограми тутун за наргиле, во четири случаи запленети се 195,5 килограми дрога, во 14 случаи запленети се 230 илјади евра, а запленети се и над 39 илјади парчиња лекови. Воедно, постигнат е значителен напредок за заштита на правата од интелектуална сопственост, при што во 39 случаи запленети се над 112 илјади парчиња производи со потпис на познати трговски марки.
Извршени се над осум илјади прегледи на возила при што спречени се 28 кривични дела, како и прекршочни дела во кои утврдените избегнати давачки изнесуваат осум милиони денари.
Постапувано е и по 30 барања за асистенција, при што во последен случај со помош на царинско куче од К9 единицата пронајдени се 10 килограми кокаин.
Мобилните царински тимови учествуваа и во три поголеми меѓународни акции – Shield VI, Stop IV, и ARMSTRONG XI. Станува збор за меѓународни акции чија цел е спречување на нелегална трговија со фалсификувани лекови и анаболици и заштита на правата на интелектуална сопственост преку спречување нелегална трговија со фалсификувани стоки, како и спречување на обиди за тероризам.
Македонија
Евакуирани 250 лица по поплавите во Кичево, од нив три се бебиња, а 58 деца на возраст од 2 до 10 години
Во општина Кичево, како резултат на поплавите, се евакуирани и згрижени вкупно 250 лица. Од нив, 61 се деца – меѓу кои едно дете на возраст од 1 месец, едно од 2 месеци, едно од 7 месеци и 58 деца на возраст од 2 до 10 години. Меѓу евакуираните има и 189 возрасни лица, од кои 102 жени и 87 мажи, како и 11 лица со инвалидитет.
Од Црвениот крст, исто така, соопштија дека со материјална штета се засегнати вкупно 362 домаќинства, односно околу 1.200 лица кои се соочуваат со последиците од временската непогода.
За привремено сместување на евакуираните е обезбедена спортската сала „Христо Узунов“ во Кичево, каде им се обезбедуваат основни услови за престој.

Надлежните служби и Црвениот крст на РСМ остануваат на терен и продолжуваат со активностите за помош и поддршка на погоденото население.
„Волонтерите на Црвен крст на Република Северна Македонија продолжуваат да бидата на терен и активно обезбедуваат помош и поддршка за загрозените од поплавите низ нашата државата. Тие неуморно работат на дистрибуција на хуманитарна помош, вклучувајќи сместување, храна, вода, топли оброци, душеци, ќебиња и основни хигиенски средства со цел да им помогнат на семејствата кои се соочуваат со тешки последици од временските непогоди“, велат од Црвениот крст.

Покрај материјалната помош, волонтерите пружаат и психосоцијална поддршка (ПСС), обезбедувајќи разговор, емоционална поддршка и насоки за справување со стресот и траумата предизвикани од поплавите. Тие помагаат при евакуација, вршат проценка на потребите на погоденото население и соработуваат со локалните институции за побрзо и поефикасно справување со состојбата на терен.
Македонија
Андоновски најавува имплементација на вештачката интелигенција во администрацијата откако ревизијата утврди дека не се создадени предуслови
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема „Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор“, на која се обрати и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Во обраќањето, министерот посочи дека констатираните наоди се третираат со целосна сериозност и ќе бидат искористени како основа за понатамошни институционални унапредувања. Во извештајот се констатира дека во анализираниот период јавниот сектор немал воспоставена целосна стратешка, законска и инфраструктурна рамка за системска примена на ВИ.
„Овие наоди се сериозни и ги третираме како основа за институционално подобрување. Но важно е да се нагласи дека од периодот опфатен со ревизијата до денес се преземени конкретни чекори“, истакна Андоновски.
Министерот нагласи: „Во доменот на вештачката интелигенција, стратегиите и законите се неопходна рамка – но тие сами по себе не создаваат капацитет. Технологијата се развива побрзо од секој нормативен документ. Ако останеме само на стратегии, ќе заостанеме. Затоа паралелно работиме на конкретна имплементација.“
Во продолжение, министерот ги презентираше активностите што веќе се спроведуваат за воспоставување системска рамка за вештачка интелигенција во јавниот сектор:
Национална ИКТ стратегија 2025–2030 како хоризонтална дигитална рамка, со позиционирање на ВИ како стратешка технолошка оска и предвиден акциски план за ВИ во јавната администрација.
Национална стратегија за вештачка интелигенција во подготовка, преку работна група под координација на Министерството, со вклученост на академската заедница, приватниот сектор и Агенцијата за заштита на лични податоци, усогласена со европската регулаторна рамка.
data.gov.mk со AI — интеграција на AI асистент за пребарување на природен јазик и генерирање структурирани одговори од објавените сетови, со цел зголемена практична употребливост на отворените податоци.
ВЕЗИЛКА — иницијатива за развој на GPU капацитети и основа за развој на модели на македонски јазик, како инфраструктурен предуслов за ВИ, со поврзување со европскиот AI/HPC екосистем.
Заштита на лични податоци и етичка рамка — планиран механизам за проценка на ризик (AI impact assessment), етички принципи, транспарентност и засилена институционална координација.
Осврнувајќи се на суштинското прашање од ревизијата — дали јавниот сектор е подготвен за ВИ — министерот истакна дека во анализираниот период подготвеноста не била целосна, но дека денес системски се воспоставува рамка и се оди кон оперативна примена.
„Вештачката интелигенција нема да биде административен проект. Ќе биде технолошка трансформација во служба на граѓаните“, порача Андоновски.

