Македонија
(Видео) Шилегов промовираше нови цистерни за „Водовод“
Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ од денеска на располагање има 5 нови специјализирани возила, односно 4 цистерни и едно комбе за откривање дефекти во мрежата.
Две од цистерните работат на притисок и се употребуваат за одзатнување на канализациските цевки користејќи вода под притисок, а останатите две функционираат по принцип на вакуум и се употребуваат за црпење вода при поправки на водоводни дефекти, за црпење отпадна вода, како и за чистење сливници.
Специјализираното мерно комбе е со вградена опрема за третирање загуби на вода, со што се овозможува детектирање дефекти, нивно полесно и побрзо лоцирање и намалување на загубите на вода.
Новите возила денеска ги промовираа скопскиот градоначалник Петре Шилегов и директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски.
„Во Скопје се пие една од најквалитетните води во Европа, а тоа е обврска повеќе за нас, да вложуваме токму во инфраструктурата на ова јавно претпријатие. Тука нема да застанеме, парите од граѓаните, парите од ‘Водовод’, ги трошиме многу порационално од минатото, ниту се луксузираме со згради, ниту се луксузираме со лустери и теписи, туку вложуваме во она што е вистинска потреба на граѓаните“, рече Шилегов на промоцијата.
Директорот Весковски, пак, објасни дека новите возила со кои е обновена механизацијата на ЈП „Водовод и канализација“ се опремени со еуро 6 мотори, коишто се карактеризираат со 96% намалена емисија на честички кои влијаат на аерозагадувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

