Македонија
(Видео) Шилегов: Реновираниот Бит-пазар нуди подобри услови за пазарџиите и за граѓаните
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска присуствуваше на отворањето на реконструираниот Бит-пазар, еден од најпосетените пазари во Скопје.
На отворањето присуствуваа и премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Артан Груби, градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, и генералниот директор на „Скопски пазар“ АД Скопје, Младен Дамев.
„Оваа инвестиција е од огромно значење за нашиот град бидејќи претставува огромен чекор напред во уредувањето на овој простор, кој овозможува подобри услови и за пазарџиите и за граѓаните, кои секојдневно ги користат нивните услуги. Град Скопје заедно со Општина Чаир, неколку надлежни институции на централно ниво, Комората на трговците на Република Северна Македонија и еснафот на Старата скопска чаршија, подолго време се обидува да воспостави ред на јавните површини, а пред сѐ, на тротоарите и велосипедските патеки. Овие наши напори опфаќаа ослободување на тротоарите и велосипедските патеки, нивна реконструкција, поставување нова урбана опрема, жардиниери, заштитни столпчиња, како и обнова на зеленилото на булеварот Крсте Мисирков, кој го реконструиравме од ‘Мавровка’ до Бит-пазар. Тоа го правевме за да развиеме партнерски однос со сите засегнати страни – трговците, муштериите, но и со учесниците во сообраќајот, пред сѐ, тука мислам на пешачкиот и на велосипедскиот сообраќај. Ваквиот партнерски однос успеавме да го воспоставиме уште тогаш, а оваа инвестиција е само едно големо поместување напред во насока на подобрување на просторните услови во овој дел од градот“, рече денеска градоначалникот Шилегов.

Тој изрази уверување дека просторните услови на новиот објект на Бит-пазар ќе овозможат непречено одвивање на трговската дејност на сите заинтересирани субјекти кои и досега го користеа овој пазар.
„Скопје е град за сите и искрено се радувам на секоја инвестиција што овозможува подобрување на условите во кои секојдневно функционираат нашите граѓани независно на кој дел од градот му припаѓаат и независно во која општина живеат“, рече градоначалникот.

На ова се надоврза и првиот вицепремиер Артан Груби, кој посочи дека градот добива модерен пазар, кој економски бил и е традиционален симбол на Скопје.
„Скопје денес е тоа што секогаш сме сонувале да го имаме, едно за сите, и лево и десно, сепак цело, а не наше и ваше. Честитки и до Висар и Петре заради тоа што градат заедништво и иднина, а не минато и поделби. Денес сме сведоци на трансформација на пазар кој со години функционира, би рекол, како импровизиран пазар, без услови и посебен паркинг. Бит-пазар е економскиот традиционален симбол на Скопје, кој поради неговата местоположба, споен со Старата скопска чаршија, е идентично место во целата земја. Модерно, чисто и средено место за пазарување, ова е тоа што им се нуди на граѓаните, затоа што нашите граѓани тоа го заслужуваат“, нагласи Груби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.
Македонија
Полицијата ја тргнала плочката, а зад неа – 350.000 евра скриени во ѕидот: детали за падот на судијата
Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднела кривична пријава против судијата Ѓоко Ристов (53) од Апелациониот суд Скопје, осомничен за „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“. Пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), соопшти МВР.
Според истрагата, Ѓ.Р. во периодот од февруари 2020 до денес не пријавувал промени во имотната состојба и дал лажни податоци за личниот и семејниот имот, кој, како што се наведува, значително ги надминува неговите законски приходи.
Од клучно значење за случајот се наодите од претресот извршен на 18 јануари 2026 во домот на родителите на осомничениот во Неготино. Таму, според МВР, полициските службеници забележале необични градежни активности во кујната, конкретно промени на ѕидните плочки. По отстранување на една од нив, откриена била дупка во ѕидот.
Во неа биле скриени 13 алуминиумски цилиндрични пакувања, во кои биле пронајдени вкупно 835 банкноти — 610 од по 500 евра и 225 од по 200 евра. Вкупната вредност на пронајдените пари изнесува 350.000 евра.
Обвинителството претходно денес побара куќен притвор за судијата, откако пред два дена беа пронајдени парите.
Фото: илустрација

