Македонија
(Видео) Шилегов: Ставаме ред во прекопувањето на сообраќајниците во Скопје
Заострени критериумите за добивање дозвола за вршење прекоп на улиците, повисоки критериуми за начинот на кој ќе се вршат овие прекопувања, како и скратени роковите за завршување на градежните активности, се дел од новитетите кои се содржани во новиот правилник за вршење прекопи на сообраќајниците што се во надлежност на Градот Скопје. Дел од измените и новитетите кои ќе се најдат пред Советот на Град Скопје на наредната седница ги соопшти градоначалникот Шилегов.
„На овој чекор се решивме по многубројните оправдани реакции на граѓаните за прекопувањата на тукушто реконструирани сообраќајници, како и за начинот и времетраењето на градежните работи при овој вид активности. Согласно со досегашната пракса, секоја компанија која имаше потреба од поставување подземна инфраструктура под сообраќајниците поднесуваше барање до градот за дозвола за вршење прекоп, а по добиената дозвола вршеше прекоп и по поставувањето на подземните инсталации ја враќаа сообраќајницата во првобитна состојба. Проблемите во овој дел настануваа во случаите кога ќе добиевме барање за прекоп на тукушто реконструирана сообраќајница”, кажа Шилегов.
Во насока на подобрување на комуникацијата и координацијата со компаниите, со новиот правилник е предвидено Градот Скопје пред почетокот на градежната сезона да ги објави сите сообраќајници кои се превидени за реконструкција во текот на претстојната година.
„На тој начин подземните инсталации кои ќе поминуваат под овие улици ќе може да се постават во текот на реконструкцијата на улицата, а не по нејзиното завршување, како што неретко се случуваше во праксата во минатото. Во текот на оваа година планирани се делумни или целосни реконструкции или изградба на булеварите: АСНОМ, Кочо Рацин, Партизански одреди, Втора македонска бригада, Александар Македонски, К.П. Мисирков, Хрватска, Никола Карев и Јужен булевар; како и улиците: Димитрија Чуповски, Борис Сарафов, Февруарски поход, Ѓорче Петров, Љубљанска, Московска, Брадфордска, Лазар Личеновски, Индира Ганди, Благоја Стевковски, Ферид Мурати, Димо Хаџи Димов, Живко Фирфов, Павел Шатев, Црниче, Македонско косовска бригада, Александар Урдаревски, Есенинова, Боца Иванова и Андон Димитров (Жарко Зрењанин). Објавувањето на улиците планирани за реконструкција ќе биде редовна пракса пред почетокот на секоја градежна сезона. Ги повикувам сите компании кои планираат во наредниот перид да поставуваат подземни инсталации под овие булевари и улици да се обратат во Град Скопје заради подобра координација на активностите со која ќе спречиме непотребни прекопувања по реконструкцијата на овие сообраќајници”, додаде Шилегов.
Шилегов потенцираше дека согласно со измените во правилникот, по завршувањето на реконструкцијата на предвидените улици во следните 2 до 3 години, Градот Скопје нема да издава дозволи за прекоп на овие улици освен во случај на дефекти, под строго дефинирани услови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.
Македонија
Да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари, му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, велат од СДСМ
Му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, каде завршуваат парите на граѓаните од тендерите кои ги добиваат двете омилени фирми на власта, „Пирамид билдинг“ и „Ленди груп“, велат од СДСМ.
Според оваа партија, за два месеци 96 милиони денари или 1,56 милиони евра добиле, како што истакнуваат, „омилените фирми на Орце и на ВМРО-ОКГ од Град Скопје каде тој е градоначалник“.
„20 милиони денари е тендерот за „Пирамид Б“ со склучен договор на 05.12.2026 година.
76 милиони денари е тендерот за „Ленди Груп“ со склучен договор од 28.01.2026 година.
Едни исти фирми, на централно и на локално ниво добиваат тендери и ние да им се извиниме?
Да не треба да му се извинуваме на Орце и за 56 тендери на „Пирамид билдинг“, каде е татко му на шефот на кабинет на Мицкоски, Нелоски?
Или да се извинуваме и 74 тендери на „Ленди груп“ вредни 17.5 милиони евра?
Вие да делите тендери и да се луксузирате на грбот на народот со авиони, часовници, чанти а народот кој не може да врзе крај со крај да ви се извинува?
Извини Орце, да не се малку тендери, да не треба повеќе“.
А што се однесува до чантата, следниот пат, додаваат од опозициската партија, кога ќе објавуваат слика, прво нека ја проучат разликата од таа што неговата сопруга ја носи на промоцијата со онаа којашто ја објави денеска, „очигледна е“.
„Да да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари. Веруваме да“.

