Македонија
(Видео) Шимиќ: Целосно проширување на булеварот Борис Трајковски
Градската власт предводена од СДСМ и градоначалникот Петре Шилегов во соработка со општина Кисела Вода го остваруваат ветувањето дадено пред граѓаните за целосно проширување на булеварот Борис Трајковски, истакна денеска претседателот на Советот на општина Кисела Вода, Дарио Шимиќ.
Оваа сообраќајница, како што најави Шимиќ, ќе се реконструира и прошири и ќе прерасне во модерен булевар со четири сообраќајни ленти, пешачки и велосипедски патеки, модерно и енергетски ефикасно јавно осветлување, како и дополнителна комунална инфраструктура.
„Во изминатиот месец интензивно се работи на овој булевар, односно станува збор за должина од над 2 километра од Пинтија до влезот на населба Драчево, каде што ќе заврши со модерен кружен тек. Со изградбата на оваа фаза од булеварот Борис Трајковски, Скопје ќе добие уште една нова, модерна сообраќајница, што значително ќе ја зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот, ќе се намали загадувањето и ќе се зголеми проточноста на сообраќајот во овој дел на градот“, истакна тој.
Овој капитален проект, како што потенцираше Шимиќ, ќе биде значаен за над 70 илјади граѓани од Драчево, Пинтија, Лисиче, Студеничани, Зелениково, Батинци и околните населени места каде што според проценките на неговата партија значително ќе се намали временскиот период на патување од овие населби, а голем бенефит ќе има и индустриската зона лоцирана во овој дел на градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

