Македонија
(Видео) Шкријељ: СДСМ силно ги поддржува студентите и нивните барања
Студентите се најпрогресивната сила како во секоја држава така и во нашата и токму оваа Влада предводена од СДСМ покажа дека се грижи за потребите на студентите, разговара со нив и како резултат на тој дијалог во изминатите неколку години значително ги унапредивме правата на студентите а воведовме и некои нови, кажа пратеничката на СДСМ Санела Шкријељ.
Во изминативе години, според неа, за скоро дупло бил зголемен износот на стипендиите, биле воведени нови категории на стипендии и нови стипендии за средно стручно образование.
„Студентите не беа изоставени ниту од пакетите за антикризни мерки се со цел да се излезе во насока на унапредување на студентскиот стандард. Субвенционираниот студентски оброк е нешто што токму оваа Влада предводена од СДСМ го воведе, ова право не постоеше порано. Континуирано ги слушаме нивните барања, бараме начини како да се подобтри имплементацијата на ова право. Неколку измени направивме во делот на имплементации изминатите неколку години се со цел да се унапреди правото. Го зголемивме износот, го зголемивме бројот на денови кога се прима субвенциониран студентски оброк од понеделник до сабота“, нагласи таа.
Така ќе биде, како што рече, и со последните барања.
„Како и претходно така и сега, се што е во насока на подобрување и подобра грижа за студентите ние како СДСМ ќе поддржиме“, додаде Шкријељ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

