Македонија
(Видео) Штајнмаер се сретна со Ковачевски: Сакаме да ве видиме што е можно поскоро во ЕУ
Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Владата го пречека претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер.
Во рамки на посетата на претседателот на Сојузна Република Германија Штајнмајер, се одржа и билатерална средба на двете делегации во Владата. На билатералната средба од страна на владината делегација присуствуваа и првиот заменик-претседател на Владата Артан Груби, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за економија, Крешник Бектеши.
На средбата беше изразено обостраното задоволство од силната поддршка која Северна Македонија ја добива од Сојузна Република Германија за евро-атланската интеграција на земјата и одличните билатерални односи помеѓу двете земји кои следната година одбележуваат јубилејни 30 години. Северна Македонија нема друга алтернатива освен европската.
Штајнмајер изјави дека Германија сака да ја види Северна Македонија што е можно поскоро во Европската Унија. Детерминираноста за спроведување реформите е клучна за да се зачува демократијата и европските вредности.
На средбата заеднички беше констатирано дека целата поддршка и напори кои ги вложуваат двете земји, вклучително и претстојните уставни измени се во насока на обезбедување европска иднина на граѓаните.
Покрај сојузништвото и партнерството во НАТО, ООН и ОБСЕ, Германија оваа година имаше и успешна улога во Берлинскиот процес кој резултираше со три потпишани договори за меѓусебно признавање на академските квалификации/дипломи, професионалните квалификации и патните исправи.
Сојузништвото и сплотеноста се особено видливи во усогласеноста со ЕУ и како НАТО сојузници во поддршката за Украина, беше заклучено.
„Денешната посета е потврда на пријателството и соработката. Блиските релации на двете земји се потврдуваат и преку економската соработка. Германија е прв и најголем економски партнер на Северна Македонија, која околу 45% од целокупниот извоз го извезува во Германија. Околу 200 компании во Северна Македонија се германски компании меѓу кои и WPD која вложува околу 500 милиони евра во ветерна електро-централа со моќност од 415КВ во Куманово – Крива Паланка, и која претставува сериозен чекор во производството на електрична енергија од обновливи извори“, велат од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ќе се тестираат камерите на автопатот Охрид–Кичево во рамки на „Безбеден град“
Сектор за внатрешни работи Охрид денеска ќе спроведува активности за тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди за сообраќаен надзор во рамки на проектот „Безбеден град“.
Како што информираат од СВР Охрид, активностите ќе се реализираат на автопатската делница Охрид–Кичево, и тоа помеѓу селата Горенци и Требеништа, како и на потегот помеѓу Ботун и Ново Село, во општина Дебрца.
Планирано е активностите да започнат во 12 часот, при што на секоја локација со поставена камера постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае од 15 до 30 минути.
Од СВР Охрид апелираат до сите учесници во сообраќајот на овој патен правец да покажат разбирање за неопходноста од планираните мерки, да ги почитуваат привремените ограничувања и насоките на полициските службеници, со цел безбедно спроведување на активностите.
Македонија
СДСМ: Каде е др. Жан Митрев и зошто Обвинителството не реагира
СДСМ вели дека додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со лажна кампања и линч против претседателот на партијата, Венко Филипче, во јавноста го нема д-р Жан Митрев.
Во соопштението се наведува дека д-р Жан се појавил на телевизија Алфа, каде што, според СДСМ, изнел лаги за Филипче, по што, како што се посочува, исчезнал од јавноста.
„Прашањето е каде е др Жан? Дали Обвинителството го повика?“, прашуваат од СДСМ, додавајќи дека кампањата против Филипче трае со недели во медиуми кои ги нарекуваат контролирани од ВМРО/Орбан, без никаква реакција од Обвинителството.
Од партијата наведуваат дека со недели поставуваат прашања кога д-р Жан ќе даде изјава пред надлежните институции, но, како што посочуваат, не добиваат одговор.
Македонија
Лани подигнати 22.000 кубни метри отпад од диви депонии, Комунална апелира поскоро да стапи во сила Законот за формирање на комунална полиција
Во текот на 2025 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале вкупно 21995 кубни метри отпад од стотици диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад е отстрането во скопските општини Центар и Чаир.
„Екипите на Претпријатието речиси секојдневно интервенираа на неколку локации каде што се одлага отпад на јавни и на сообраќајни површини, најчесто на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), на аголот со улицата Максут Садик, веднаш крај детското игралиште, каде што континуирано се отстрануваа големи количества непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад“, велат од Комунална.
Воедно, во текот на минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје врачила 607 записници за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број записници – вкупно 227, се изготвени во скопската општина Чаир.
ЈП Комунална хигиена-Скопје објави дека нема ингеренции на терен да ги санкционира прекршителите на Законот за јавна чистота и од тие причини апелира што поскоро на сила да стапи Закон за формирање комунална полиција, како најефикасен начин да се превенира загадувањето на животната средина и да се заштити јавното здравје.

