Македонија
(Видео) Штерјова: Има пари за тендери, нема пари за скопјани, таков буџет предлага Георгиевски
Утре, Советот на Град Скопје одлучува како ќе се трошат и за што парите на скопјани за 2026 година. Исто како на централна власт така и во Скопје, ВМРО Ванчовистичка наместо парите да ги насочи за скопјани и подобрување на нивниот живот во градот, парите се за тендери и партизација, ништо друго, истакна на прес-конференција Кети Штерјова, советничка во Скопје од СДСМ.
Најголем дел од средствата, посочи таа, има во предлог програмата за планирање и уредување на градежно земјиште на подрачјето на Град Скопје, значи има пари за тендери, а пари за граѓаните нема.
Според неа, додека граѓаните на Скопје се гушат од загаден воздух, нема повеќе пари за животна среднина. Средствата за заштита за животната средина се малку за надминување на еколошката катастрофа во која живеат скопјани.
„Скопје дише отров од дивите депонии, а во предлог Буџетот нема пари за проект и за расчистување на диви депонии и контаминирани локации на територија на Град Скопје.
Власта на ВМРО-ДПМНЕ нема пари за чист воздух и чистење на депониите. Ама видовме дека има за 161 тендер за една фирма, 9 милиони евра за друга со двајца вработени.
Предлогот на Буџетот што гопредлага Георгиевски не е ниту социјален, ниту е насочен кон подобрување на животот на граѓаните.
За многу од предвидените проекти кои убаво звучат на хартија нема предвидено финансиска поддршка. Нема доволно пари за социјална и здравствена заштита, нема за образование, за животна средина, за невладини организации, за култура.
Градоначалникот зборуваше дека има превработеност во градската администрација, ама во 2026 година предвидел 44 нови партиски вработувања.
Значи ќе се продолжи со нивната позната тактика на полнење на администрација со партиски лојални кадри“.
СДСМ, како што дададе советничката од редовите на оваа партија, ќе се спротистави на ова и ќе бара парите да се насочат кон граѓаите и нивните потреби.
Ваков Буџет, прецизира таа, нема да поддржат ниту ќе гласаат.
„За сите области советничката група за СДСМ и коалицијата изготви амандмани кои се во интерес на граѓаните и обезбедуваат по квалитетен живот на скопјани. Не за тендери, да за повеќе пари за граѓаните на Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

