Македонија
(Видео) Што вети, а не исполни Владата на СДСМ за една година
Година на промени за просперитетна земја за сите граѓани, вака премиерот Зоран Заев со една реченица сумираше што е постигнато во изминатите 365 дена. Владата се пофали дека исполнила сè што ветила, но реалноста е поинаква. Заев на прес-конференција во средата по повод една година од Владата на СДСМ кажа што исполнија, но изостави да спомене што не исполнија, а ветија.
На предизборните митинзи СДСМ најгласно ветуваше зголемување на просечната плата на 30 000 денари и зголемување на минималната плата до 16 000 денари. Иако во владината програма која беше објавена по изборите пишува дека зголемувањето на минималната и просечната плата ќе достигнат 16, односно 30 000 денари до крајот на мандатот, на митинзите тоа не беше така прецизно кажувано и се одаваше впечаток дека СДСМ ветува дека ќе го оствари тоа веднаш откако ќе дојде на власт. Иако СДСМ ветуваше дека тоа ќе се случи во април минатата година, во септември лани минималната плата беше зголемена од 10 на 12 000 денари, а според најновите податоци од Државниот завод за статитика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во март годинава изнесува 23 694 денари.
Низа протести предизвика и неисполнувањето на ветувањето за намалување на надоместокот на извршителите и за должниците кои се социјални случаи. СДСМ во 2016 година вети дека извршувањето ќе биде без наплата на извршителска тарифа за социјалните случаи. Две години подоцна Владата повторно го ветува истото. „Убеден сум дека можеме да успееме. Ако посветено работиме можеме да изнајдеме решение за вакви горливи проблеми. Но, од еден дел од своите приходи треба да се откажат и нотарите и државата“, изјави Заев на прес-конференција на 1 мај годинава.

Исто така, СДСМ вети и дека на секој граѓанин ќе му се враќаат 15 проценти од платениот ДДВ. СДСМ оваа мерка ја ветуваше и во 2013 година. Заев во кампањата за изборите во декември 2016 година оваа мерка ја промовираше како една од најважните и ветуваше дека ќе биде донесена веднаш по денот на изборите, 11 декември. „Ако потрошите илјада денари, имате 180 денари ДДВ внатре. Ние предлагаме 15 проценти од тоа ДДВ што го има на секоја сметка, за вода, за храна, за облека, за струја, за сè што плаќаме, 15 проценти да се врати назад кон граѓаните“, ветуваше Заев.
Актуелниот премиер на митинзите велеше дека парите ќе се вратат кај граѓаните и дека сè што било украдено од претходната власт ќе биде вратено. Тој во сите јавни настапи повторуваше дека на Триумфалната капија ќе постави бројчаник на кој како што Агенцијата за запленет имот ќе продаде имот и ќе врати пари во буџетот, така ќе заврти бројчаникот. „Сè што е украдено ќе се врати“, велеше Заев.
Тој веднаш по преземањето на премиерската функција најави и распуштање на судството и негов реизбор и формирање специјално одделение во судот за предмети на специјалното јавно обвинителство. Во јули минатата година вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, го кажа спротивното од тоа што го најави Заев. „Мислам дека е апсолутно погрешна интерпретацијата дека владата или новото парламентарно мнозинство ќе прави реизбор на судии. Ќе се зголеми улогата на новиот Судски совет во дефинирање на постапките за избори или дисциплинирање на судиите“, рече Османи на 23 јули, 2017 година.

Во здравството, СДСМ вети бесплатно болничко лекување за сите граѓани и зголемување на капитациониот бод на матичните лекари на 90 денари. Во март годинава Владата донесе одлука за бесплатно лекување само за лицата на возраст до 18 години чии семејства се корисници на социјална парична помош. Капитациониот бод не е зголемен и изнесува 55 денари.
Во предизборната кампања СДСМ вети и дека ќе се посвети на целосно расветлување на кумановските настани од мај 2015 и откривање на иницијаторите и позадината на целиот случај. „Ќе побараме и меѓународна поддршка во истрагата заради обезбедување на сите релевантни информации, но и за обезбедување потполна доверба на граѓаните во резултатите од истрагата. Воедно ресорното министерство ќе даде целосна логистичка поддршка на обвинителсите судски инстанци во отворањето и водење постапки за предметите Сопот, Бродец, смртта на Мартин Нешкоски и на Никола Младенов и за ‘Монструм’“, пишува во владината програма. Сите наведени случаи до ден денес не се расчистени.
Заев и СДСМ ветија општество со нула корупција. „Нашата Влада и јас како премиер, но и сите претставници на локалната власт, како и претставниците од граѓанскиот сектор и од приватниот сектор, имаме одговорност да се справиме со сериозните предизвици што корупцијата ги поставува пред нас. Корупцијата е закана за воспоставување владеење на правото, а ние презедовме обврска дека во Македонија ќе владее правото. Затоа, мораме да дејствуваме одлучно и со нула толеранција кон корупцијата. Со ова јасно укажувам дека никој нема да биде изземен од одговорност“, нагласи премиерот во обраќање во декември лани.
Претходно, Заев на 1 ноември обелодени дека двајца членови на неговата Влада се под истрага за корупција, а до денес нема никакви информации до каде е истрагата, ниту, пак, се откриени имињата на двајцата функционери.

Во последниот извештај на „Транспаренси интернешнл“ се наведува дека Република Македонија и понатаму не презема доволни напори за исполнување на препораките на ГРЕКО за борба против корупцијата. Во јануари минатата година „Транспаренси интернешнл – Македонија“ веќе ја извести јавноста дека државата не презема доволно активности за борба против корупцијата во согласност со овие препораки. „Денес, речиси една година подоцна, работите не се поместени од точката на која биле и тогаш“, констатираат од оваа организација во извештајот за минатата 2017 година. И извештајот на Транспарентност Македонија (ТМ) за периодот јануари – април 2018 покажа дека резултатите во трансформирањето на капацитетите на државата за борба против криминалот и корупцијата, најблаго речено, се делумни и бавни. Во извештајот се наведува и дека реформите во правосудството се запрени во коридорите на политичките и правните перипетии.
Сè уште не е донесен и новиот закон за работни односи во кој меѓу другото е предвидено договорите по 6 месеци на определено да се трансформираат на неопределено, во кој се гарантира враќање на истото работно место по породилно отсуство, како и овозможување на заедничко користење на родителско отсуство на двајцата родители за првите 1-3 месеци, односно по истекот на 3 месеци мајката или таткото го продолжува породилното отсуство.
Владата вети и изградба на студентски град во Скопје со модерни архитектонски решенија, како и фунцкионални содржини – спортски сали, читални, библиотеки, ресторани, кино-сали и фитнес-центри и нова студентска зграда во Автокоманда со преку 700 легла. Во владината програма е наведено и дека „Мој термин“ ќе се замени во нов систем кој ќе гарантира брза и квалитетна здравствена заштита на секое ниво и ќе го намали времето за административни обврски на докторите.

Уште еден проблем кој сè уште не е решен е и снемувањето на лекови после 15. во месецот кој СДСМ вети дека ќе го реши. „Владата ќе работи на надминување на проблемот со немање лекови на рецепт после 15. во месецот. Ќе се воспостви систем кој ќе оневозможи злоупотреба на препишаните рецепти и фиктивно трошење на месечните квоти за набавка на лекови“, пишува во владината програма.
Останаа нереализирани и ветувањата за трет мобилен оператор, за изградба на регионални центри за управување со отпадот и зголемување на зелените површини во градовите. Владата вети и попис на населението, како и измени во Кривичниот закон со цел криењето на јавниот долг да стане кривично дело.
Што вети и спроведе Владата на СДСМ?
Ја укина радиодифузната такса, воведе евтина струја два часа секој ден, го укина екстерното тестирање, го реши проблемот со стечајните работници и околу 5 000 стечајни работници добиваат месечен надоместок од 7 596 денари. Се изедначија условите за бизнис за домашните и странските компании. Програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за 2017 година беа зголемени за 10 милиони евра, мерката „Млад земјоделец“ беше зголемена за 4 милиони евра, за 23 пати се намали цената на државното градежно земјиште во 58 општини, беа обезбедени 135 милиони денари за поддршка за малите и средни претпријатија и за поддршка на домашни гринфилд инвестиции…
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

