Македонија
(Видео) Шутаров: Локалната власт на ДПМНЕ создаде хаос со јавниот превоз во Скопје
Локалната власт на ДПМНЕ создаде хаос со јавниот превоз во Скопје.
ЈСП го доведе на работ на функционалност, да нема автобуси, граѓаните да не може да стигнат никаде навреме, а вработените да не може да земат плата.
Иако ДПМНЕ во Советот на Град Скопје има мнозинство и е власт, на вчерашната вонредна седница одби да ги поддржи субвенциите за ЈСП, одби на вработените да им се префрлат средства за да може да им се исплати плата, истакна на денешната прес-конференција Гордан Шутаров, советник во Советот на Град Скопје.
„Срамно, тажно и само поради лични хирови на Мицкоски, советниците на ДПМНЕ се противеа на доделување финансиски средства за да може да функционира ЈСП.
Мораше да биде свикана уште една вонредна седница со голема поддршка од повеќе советнички групи во Советот на Град Скопје за да може да продолжи со работа ЈСП, а вработените да земат плата.
Советниците на СДСМ и коалицијата се на страната на работниците и на страната на скопјани и ве уверуваме дека ќе продолжиме да дејтсвуваме во интерес и за доброто на граѓаните“, прецизира Шутаров.
Оценува дека сеопфатно решение за јавниот превоз во Скопје има. Тоа, како што истакна е Бас рапид транзит, и според него, што побргу овој проект треба да се релизира.
„За жал, 2,5 години ДПМНЕ го кочи проектот за БРТ, проект за кој има обезбедено финансиски средства, идејно решение, гарантиран проект од страна на ЕБОР, Владата, Министерството за финансии и Собранието, проект во кој Град Скопје нема да има никакви финансиски обврски. БРТ се кочи само поради лични и политички хирови“, додава Шутаров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

