Македонија
(Видео) Ѓорчев: Фијаско на власта со пасошите, личните карти, регистрациите и свидетелствата
Осврнувајќи се на информациите за наводниот недостиг од вакцини, регистарски таблички, пасоши, членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев забележа дека од изминатите денови се гледа, огромното како што го нарече, фијаско на оваа власт на Зоран Заев, на Мила Царовска и Оливер Спасовски.
Основните работи во Македонија веќе не функционираат, вели Ѓорчев.
„За жал оваа политика на Зоран Заев на просење и питачење на буквално барање милостија за било што, не доведе до тоа да државата не може да ги сервисира основните потреби на граѓаните. Внимавајте имаме ситуација во којашто заврши учебната година, децата се веќе на распуст а свидетелствата не се подигнати, им велат дека ќе бидат готови на 31-ви Август, а дали ќе бидат и тогаш не знаеме со месеци нема пасоши, нема регистарски таблици, нема возачки дозволи, нема лични карти, граѓаните не можат да ги извршуваат своите основни потреби, тоа е нивото и тоа е реалноста за жал во која што живееме“, истакна Ѓорчев.
Според него, во однос на вакцинацијата, Македонија, како што рече, беше меѓу последните во светот и последна во Европа која што почна со вакцинација, таа се одвива исклучително споро, на намален број на пунктови.
Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ оценува дека Македонија е земја со најголема смртност во светот.
„Со човечки животи и погреби ја плаќа неспособноста на овие некадарници, а сега вакцинацијата не може да продолжи, затоа што вакцини едноставно нема. Сума сумарум ако сето ова може да се сумира во една реченица тоа е следново, имаме фијаско и дебакл на власта каде што тие не ги испорачуваат основните потреби на граѓаните“, рече Ѓорчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.
Македонија
МНР со реакција до Бугарија: Македонија останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности, Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации
Македонското Министерство за надворешни работи реагира на денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
„Изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера, ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија – ниту преку коментари, интерпретации, ниту преку вклучување во дневнополитички наративи“, се истакнува во соопштението од МНР.
Од таму со повик до бугарските институции да се водат од, како што е наведено, принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација – принципи кои воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
„Затоа што Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации.
Република Северна Македонија и понатаму останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности“.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

