Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Во Кисела Вода нема да има градење без план и насилна бетонизација како сега
Конечно дојде време во општина Кисела Вода да се надополнат изгубените четири години за нашите сограѓани. Изминативе години нашите сограѓани заборавија што значи да се има ефикасна општина, општина која ќе реализира проекти, општина која ќе се развива според план, а не според бизнис интересите на поединци, соопшти Орце Ѓорѓиевски.
„ Изминативе неколку денови посетив неколку населби и населени места во нашата Кисела Вода и се сретнав со стотици граѓани со кои разменивме нивни проблеми но и понудивме наши предлог решенија. Оттука пред да ја финализираме програмата би сакал да напоменам неколку клучни работи за нашата Кисела Вода.
Ќе понудиме и реализираме рамномерен развој на општината во секое населено место. Канализационите и водоводни системи во населбите каде што ги нема ќе бидат највисок приоритет на мојата листа на проекти, бидејќи се основни услови за живот за моите сограѓани.
Дотрајаните ископани и фушерајски направени улици ќе ги уредиме и реализираме според стандарди, наместо да гледаме асфалтирани улици каде што има двојно помалку асфалт од стандардот. Ќе понудиме и надополниме нови капацитети за сместување во градинките, односно ќе створиме нови, со што ќе решиме долгогодишен проблем на граѓаните кои имаат дечиња за во претшколска возраст.
Ќе понудам и реализирам спортски катчиња и игралишта кои ќе бидат од особено значење за секоја наша населба, бидејќи сега и актуелните се дотрајани и не се одржуваат за жал. На неколку локации ќе понудиме неколку крупни проекти за Јавно приватно партнерство кои ќе треба нашата општина да ја вбројат во една од најмодерните и најурбаните општини во градот Скопје.
За крај почитувани, иако листата е долга, морам да потенцирам дека како до сега, така и во иднина, јас секогаш ќе бидам на страната на граѓаните и нема да дозволам неконтролирана бетонизација на населбите и на нашата општина, односно градење без план и силување на нашите населби, како што се случува во моментов“ порача Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.
Македонија
Менаџер на продавница во Скопје украл 2,7 милиони денари, парите од дневниот промет си ги ставал во џеб
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице вработено во продавница во трговски центар во Скопје. Тој е осомничен дека украл 2,7 милиони денари, а според последните информации од истрагата, тој сè уште ги крие парите.
Осомничениот 35-годишник ја злоупотребил својата службена положба – менаџер на продавница во трговски центар во Чаир, како и дадената доверба и пристапот до касите и сефот, па во периодот од 18.12.2025 година до 04.02.2026 година, во повеќе наврати одземал парични средства што му биле доверени. Парите од дневниот промет не ги депонирал во сеф ниту ги предавал на овластено лице за собирање и транспорт на прометот. На овој начин осомничениот незаконски присвоил 2.783.867 денари и ја оштетил компанијата во која работел.
Бидејќи откако бил откриен тој веднаш бил отстранет од работното место, јавниот обвинител предложи и дополнителни мерки на претпазливост во текот на постапката – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува во судот и привремено одземање на пасошот.
Притоа, обвинителството го имаше предвид ризикот од бегство како и фактот дека осомничениот сè уште ги крие и не ги враќа противправно одземените пари на правното лице.
фото/Depositphotos
Македонија
Хоџа: Продолжува партнерството со Светска банка за системска борба против аерозагадувањето
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со претставници на Светската банка, предводени од Карол Мегеванд, на која беше разговарано за досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно продлабочување во областа на управувањето со квалитетот на воздухот.
Од Министерството информираат дека на средбата било констатирано дека во моментов се имплементираат повеќе значајни проекти насочени кон подобрување на состојбата со аерозагадувањето, но дека останува потребата од дополнителни инвестиции.
Министерот Хоџа истакнал дека негова цел е системска промена во справувањето со аерозагадувањето, како клучен приоритет во неговата работа и во работата на Министерството. Тој нагласил дека долгорочните и одржливи решенија бараат силно партнерство со меѓународните институции и континуирана поддршка во спроведувањето на реформите.
Во таа насока, Хоџа изразил подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката со Светската банка, нагласувајќи дека отворената комуникација ќе продолжи и во иднина, со заедничка цел – подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните.
Министерот посочил дека Министерството и Владата континуирано работат на унапредување на квалитетот на воздухот преку Акцискиот план за чист воздух, Програмата за периодот 2024–2030, како и преку тековните проекти финансирани преку ИПА 2 и ИПА 3. Притоа, било истакнато дека останува потребата од дополнителни инвестиции и засилена техничка поддршка, за да се намали загадувањето и да се обезбеди чиста животна средина за сите граѓани.

