Македонија
(Видео) Јакимовски: Карпош не се откажува од култната сала „Партизан“, вечерва на протест
По повод неодамнешната одлука на Владата за одземање на спортската сала „Наум Наумовски Борче“, која досега беше во владение на Општина Карпош, денеска пред медиумите со своја реакција излезе градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој остро го осуди овој потег на извршната власт.
„На седми јули во понеделникот, во време на годишни одмори во 15:33 часот, ни стигна порака од министерот за спорт и млади, дека со одлука на Влада која е донесена на 17 јуни, се одзема од локалната самоуправа спортската сала ,,Наум Наумовски-Борче”, или како што граѓаните популарно ја знаат „Партизан“, и истата се дава во владение на Министерството за спорт и млади. Општина Карпош се противи на оваа одлука, а во таа насока денеска и Советот донесе одлука во која што сите советнички групи, значи и Социјалдемократскиот сојуз и независните советници, како и Левица и ГРОМ, гласаа против одземањето на оваа спортска сала и бараат да се искористат сите правни средства за ова да се спречи. Нормално, против беше само советничката група на ВМРО-ДПМНЕ за која што не ни очекувавме да ја поддржи одлуката, бидејќи тие не мислат за граѓаните туку мислат само за својата партија и за своето раководство“, посочи Јакимовски.
Првиот човек на Општината објасни дека спортската сала и е предадена во владение на локалната самоуправа во декември 2023 година, каде веднаш по примопредавањето се констатирани бројни недостатоци.
Тој обелодени дека откако го доставил дописот до надлежните, оттаму не добил никаков одговор од нив, по што телефонски разговарал со министерот Борко Ристевски и го замолил да дојде за заедно да направат обиколка на спортската сала и да се договорат во која насока да интервенираат.
-„Сакав да утврдиме доколку се согласува да ги покрие трошоците за реквизити и за останати потребни услови за користење, во ред, доколку не, тогаш да преземе Општината. Тој се согласи и рече дека ќе дојде, па по извесно време повторно го побарав не одговараше, па уште два пати го побарав пак не одговараше. На 25-ти ноември му праќаме допис за истите недостатоци, а во исто време Општина Карпош буџетира средства од буџетот на Карпош за набавка на реквизити. Набавивме мрежа за одбојка, рип-столи, отскочни даски, греди, поставивме клупи, и се она што е потребно за да функционира една спортска сала и ја ставивме во фукнција. Ученичките спортски игри се одвиваа токму тука од крајот на март до крајот на мај и во исто време распишавме и конкурс за сите спортски клубови и поединци кои се заинтересирани за користење на оваа спортска сала“, рече Јакимовски.
Тој напомена дека според неговите проценки Општина Карпош на годишно ниво треба да издвојува околу 100.000 евра, за овој култен објект да функционира.
Градоначалникот на Карпош ги повика сите сограѓани вечерва од 19:30 часот да се придружат на мирниот протест пред спортската сала „Партизан“ за да го искажат својот револт од оваа како што самиот вели, небулозна одлука на Владата, каде без никаква комуникација со локалната самоуправа донесува одлука, што е спротивна на интересите на граѓаните на Општина Карпош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди
Променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во среда и четврток, кога на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Од среда ветерот ќе го промени правецот во северен.
Македонија
Лукаревска: Не се знае колку ќе трае супсензијата на ИПАРД, а во буџетот се кратат 185 милиони денари за земјоделците
Пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска во рамките на амандманската расправа за буџетот за 2026 година во собраниската комисија за финансирање и буџет, ги повика пратениците да го преиспитаат намалувањето на средствата во програмата за рурален развој за скоро половина и да го прифатат предложениот амандман на СДСМ износот да остане ист како во 2025 година. Годишната стапка во буџетот беше околу 300 милиони денари.
-За 2026 година се предлага намалување на оваа ставка, скоро половина, односно 185,9 милиони денари, или намалувањето е во износ од 115 милиони денари, истакна Лукаревска.
Таа додаде дека суспензијата на ИПАРД, која е актуелна овие денови, создава и големи финансиски проблеми на самите корисници и во сегашно време, меѓутоа и во иднина.
Лукарецска стакна дека скратените буџетски средства се користат за кофинансирање на финансиска поддршка, која корисниците ја добиваат, и тоа ќе биде еден лош сигнал и за земјоделците, меѓутоа и за стопанствениците, коишто очекуваат од Владата, пред се од Министерството за финансии, како креатор на буџетот, паметно и прагматично да ги планира средствата.
-Ние не можеме да знаеме колку време ќе трае самата суспензија, а во тој период веќе ќе имаме одредени обврски коишто ќе мора да се спроведуваат, односно ќе доспее рокот за обврските коишто агенцијата ќе ги има кон корисниците, рече Лукаревска, додавајќи дека по враќањето на оваа програма повторно во сила ќе може да се компензираат овие средства преку средствата од Европската унија.
-Затоа е добро да се прифати овој амандман за доброто на земјоделците и за целиот тој засегнат – секој којшто е дел од столбовите во нашето општество за соодветен раст и развој, па дури и промоција, истакна пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска пред собраниската комисија за финансирање и буџет.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги додели стипендиите „Борис Трајковски“
„Изминативе дваесетина години се создаде почитувана, позната и експонирана заедница од над 300 успешни, реализирани личности, кои се издигнале над индивидуалните кариери и придонеле за општото добро“, оцени претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на доделувањето на стипендиите „Борис Трајковски“ за академската 2025/2026 година.
Според претседателката, оваа грчко-македонска образовна соработка е уште едно камче во мозаикот на искрена доверба меѓу двете држави и општества.
За неа е најважно државата да не ги заборави стипендистите по завршувањето на програмата и да ги вклучи во креирањето на јавни политики и вредности.
Упатувајќи честитки и посакувајќи им успех на годинешните добитници на стипендиите, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изрази задоволство од функционирањето на Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, Сити Колеџ, којшто изнедри 20-тина генерации дипломирани студенти, успешно интегрирани во македонското општество.
За неа, стипендијата е признание за упорноста, талентот и потенцијалот на избраните студенти.
Директорот Јанис Верверидис ја истакна посебната вредност на студирањето на Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, Сити Колеџ. Тој посочи дека Executive MBA е современа програма што се реализира заеднички со Универзитетот во Стразбур (високопрестижна француска институција со 18 добитници на Нобелова награда во својата историја) и води до две MBA дипломи: една од Универзитетот Јорк и една од Универзитетот во Стразбур.
Стипендиите „Борис Трајковски“ за студии од втор циклус на извршната МБА програма се доделуваат на 20 студенти веќе 22 години и се резултат на заедничката активност и соработка на Претседателот на државава, Министерството за образование и наука, Меѓународната фондација „Борис Трајковски“ и Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, Сити Колеџ од Солун, Грција.

