Македонија
(Видео) Јакимовски: Мисајловски и Јанакиевски се творци на планот за „Алумина“, ова не е проект на Стевчо
Ова не е проект на Стевчо, ова е проект на ВМРО-ДПМНЕ и на владата на ВМРО-ДПМНЕ. И продажбата и нарачките на урбанистичките планови и измените што се правени. Се тоа наидувало на поддршка од мене и сега овој проект наидува на поддршка, рече градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на брифингот со новинари за проектот кај „Алумина“.
Јакимовски на новинарите им ги објасни историјатот на продажбата на земјиштето на оваа локација и неколкуте измени на детаљниот урбанистички план, кои биле извршени на барање на инвеститорите и тогашните министри на ВМРО-ДПМНЕ, а биле поддржани од сите советнички групи и од градоначалникот Јакимовски.
„Овој проект мојата поддршка и од Општина Карпош ја има од 2009 година па наваму. Ова што сега се случува е чиста политика. Факт дека е чиста политика е тоа што претходните одобрувања ги давале министри од ВМРО-ДПМНЕ, а сега тие се најгласни противници. Тие знаат да кажат ‘ама тоа билa другa ВМРО-ДПМНЕ’. Господинот Мисајловски е актуелен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието на Македонија. Кога е продавана ‘Алумина’, надлежен министер во владата бил господинот Зоран Ставрески. Тој е сега советник на Христијан Мицкоски за локална самоуправа, што значи партијата си има кадровски континуитет, меѓутоа очигледно се обидуваат поинаку да размислуваат кога се на власт и кога се во опозиција“, нагласи Јакимовски.
Градоначалникот на Карпош исто така објасни дека во сите претходни планови на оваа локација биле предвидени згради со височина од 105 метри.
„Продажбата на „Алумина“ е извршена во времето на Никола Груевски некаде во 2008 година. Купувач беше „Газит глобал“ од Израел. Колегата Андреј Петров пристапил кон измени на урбанистичкиот план и внатре се ставени параметри како што барале инвеститорот и Министерството за транспорт и врски. Тогаш министер беше господинот Миле Јанакиески. Тој урбанистички план се усвојува кога јас станувам градоначалник на 19 ноември 2009 година кога претседател на Советот на Општина Карпош е Трифун Трифуновски од СДСМ. Значи, овој урбанистички план сме го гласале ние, гласале и ВМРО-ДПМНЕ, одобрен е од министерот за транспорт и врски, како побарале за странскиот инвеститор, така сме направиле и немало никаков проблем ни со граѓани ни со кого било. И тогаш стоело во проектот згради со висина од 105 метри. Значи, 105 метри не е измислено ниту од мене ниту од изготвувачите на најновиот план.
Вториот план, на барање на инвеститорите од Министерството за транспорт и врски, кога сѐ уште е министер господинот Миле Јанакиески, побараа од нас да го смениме урбанистичкиот план во текот на 2012 година, односно 2013 година, бидејќи со новиот генерален план се добија некои нови параметри. И повторно во тој план имаме висина од 105 метри. Тогаш претседател на Советот е господинот Сашо Лазаревски од ВМРО-ДПМНЕ. И овој план го гласаме сите и апсолутно немаме никаков проблем ниту со советничка група ниту со граѓани. Во 2016 година доаѓаат сопствениците на земјиштето од Израел и на состанок кај министерот во кабинет побараа уште една промена (трет план). На инсистирање на министерот направивме и трет урбанистички план, кој е усвоен на 5 јануари 2016 година, а министер тогаш е господинот Владо Мисајловски-Кендо, актуелен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Повторно е потпишан и од господинот Сашо Лазаревски како претседател на Советот на Општина Карпош. И тогаш ние немавме никаков проблем.
Најновиот план што го имаме, повторно имаме 105 метри висина, каде што се предвидени да се градат две висококатници од 35 ката. Всушност, ова е предлог на господинот Стефан Богоев, јас вака го наследив овој проект.
Што е за нас овде важно? Јас, без разлика кој бил во составот на Општина Карпош, во континуитет го поддржувам проектот. Без разлика дали е на власт ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, без разлика дали сме на власт во општина Карпош со ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, проектот „Алумина“ секогаш добивал поддршка затоа што сметам дека е добар проект. Со најновиот проект со 1.000 нови паркинг-места го разрешуваме проблемот со паркирање на улицата Прашка, го разрешуваме проблемот со паркирање кај „Настел“, го разрешуваме проблемот со паркирање и од другата страна кај „Сити плаза“. Дополнителен квалитет ни дава проектот што сите сообраќајници ќе бидат под земја, а сѐ што е над земјата ќе биде зеленило, истакна Јакимовски пред новинарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

