Македонија
(Видео) Јанковиќ: Власта нема пари за младите спортисти, а има за ПР-агенции, Борко Ристовски да поднесе оставка
Срамната и понижувачка Младинска олимпијада со која Борко Ристовски ја изрезили државата пред целиот свет ја покажа целосната неговата неспособност, изјави Јовица Јанковиќ од СДСМ.
Според него, владата немала пари за младите на олимпијада ама имала за ПР агенции на власта.
„Ниту основни услови за младите спортисти актуелната власта не успеа да обезбеди со катастрофалната организација. Најгордата влада немаше пари за соодветно сместување со клима уреди, немаше за соодветна храна и доволно вода, немаше пари за соодветен превоз. Но коге е ПР во прашање мора да има пари, за фирмите кои се блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Сопственикот на агенцијата ИДЕА Лаб, и дел од вработените, го добиле бизнисот за ПР за олимпијадата во различни сегменти, меѓу кои маркетинг и менаџмент на социјалните медиуми. Како е можно да има пари за ПР и маркетинг а да нема за основни услови на блам олимпијадата? Можно е. Сопственикот на ИДЕА Лаб, Димитар Атанасовски, е близок до власта. На неговиот профилот може да се видат тон слики со Борко Ристовски, Игор Јанушев, Орце Ѓорѓиевски, Владимир Нелоски и други високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Јанковиќ.
Тој праша дали близината со Борко Ристовски или шефот на кабинет на Мицкоски била пресудна за токму оваа фирма да биде ангажирана?
„Но не е само младинската олимпијада. Во изминатиот период оваа агенција добива пари и од многу државни институции и општини раководени од ВМРО-ДПМНЕ но и нивните коалициски партнери. Околу 50 илјади евра, пари на граѓаните, редовно се слеваат во оваа агенција. На пример, од Минстерството за образование добиле 8.000 евра, од Министерството за односи со заедниците над 24.000 евра, од Министерството за локална самоуправа 16.000 евра итн. Јака идеја е да се земаат пари од народот“, рече Јанковиќ.
Тој побара сите договори јавно да бидат објавени, а Борко Ристовски да поднесе оставка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски за Денот на наставата на турски јазик: Образованието на мајчин јазик е педагошка потреба
Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати честитка по повод Денот на наставата на турски јазик, посочувајќи дека овој ден нè потсетува дека образованието на мајчин јазик е педагошка потреба, но и длабока цивилизациска вредност и уставна определба.
-Преку јазикот се пренесуваат знаењето, културната меморија и чувството на припадност, а преку училиштето тие вредности се претвораат во заедничко богатство на државата, наведе Мицкоски.
Премиерот посочува дека наставата на турски јазик е дел од нашето историско и општествено наследство и придонесува кон градење образовен систем заснован на почит, еднаквост и меѓусебно разбирање.
-Како Влада, ја разбираме одговорноста да обезбедиме услови во кои секое дете ќе има пристап до квалитетно образование, без разлика на мајчиниот јазик. Инвестирањето во образованието и во наставата на мајчин јазик е инвестирање во довербата, во заедништвото и во иднината на државата. Честит Ден на наставата на турски јазик, додава премиерот во објава на Фејсбук.
Македонија
МВР апелира до возачите да внимаваат поради маглата
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска упати апел до сите учесници во сообраќајот крајно внимателно да ги управуваат своите возила во услови на намалена видливост, како и воопшто да не седнуваат зад воланот доколку консумирале алкохол на предновогодишни забави и семејни веселби.
Оттаму информираат дека на територијата на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје во периодот од 15 до 20 декември биле констатирани 53 сообраќајни несреќи и дека сообраќајните контроли на полицијата продолжуваат со несмален интензитет.„Апелираме и до учесниците во патниот сообраќај да бидат внимателни и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да поседуваат зимска опрема и да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку телефонските броеви 192 или 112“, велат од МВР.
Од Министерството се осврнуваат и на активностите што се преземаат против употребата на пиротехнички средства. Мерките, велат, се спроведуваат со засилена динамика, имајќи го предвид фактот дека употребата на овие опасни средства е карактеристична за периодот околу Нова година.
Целта, додаваат оттаму, е да се зголеми свеста кај младите, но и кај нивните родители, дека петардите не се играчки, туку опасни средства кои можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето.
Македонија
Кисела Вода со прочистувачи ќе го чисти воздухот во градинките
Во градинките на територијата на општина Кисела Вода се поставуваат прочистувачи за воздух. Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, ја посети градинката „Синоличка“ при ЈДГ „Весели цветови“, една од градинките каде што веќе се поставени прочистувачи.
Како што соопшти Општина Кисела Вода, при посетата, таа разговарала со вработените за значењето на оваа мерка, која директно придонесува за подобрување на условите за престој, како и за заштита на здравјето и благосостојбата на најмладите.
Покрај во градинките, прочистувачи за воздух се поставени и во спортската сала во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, како и во ПОУ „Кузман Јосифовски – Питу“.

-Оваа активност е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за создавање почиста и поздравa животна средина, особено во објектите каде што секојдневно престојуваат деца и млади. Општина Кисела Вода и претходно презеде низа конкретни чекори во оваа насока, посочуваат од Општината.
Оттаму додаваат дека прочистувачи за воздух биле поставени во сите училници во сите основни училишта на територијата на општината, како и во поголемите паркови, со цел да се подобрат условите за престој и секојдневно функционирање на граѓаните.
-Грижата за здравјето на нашите најмлади е еден од нашите највисоки приоритети. Со поставувањето на пречистувачи за воздух во градинките, училиштата и спортските објекти, создаваме поздрави услови за престој и развој на децата. Ова е дел од стрстегијата на Општина Кисела Вода за почиста животна средина и за подобар квалитет на живот за сите наши сограѓани, заложба од која нема да отстапиме, изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

