Македонија
(Видео) Јанушев: Ветуваме работа, извесност и иднина – имаме концепт и стратегија
Денеска е почетокот на изборната кампања и ќе бидам реален и искрен како секогаш. Од СДСМ не очекуваме фер, транспарентна и демократска кампања. Не го очекуваме тоа затоа што СДСМ и Зоран Заев се нервозни бидејќи знаат дека губат, истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
„Токму таа нервоза преткампањата ја направи нефер и недемократска. Нема друга земја во Европа каде што власта ја почнува кампањата со бомба фрлена на имотот на потпретседателот на најголемата партија. Нема друга европска земја каде што власта со законски декрет сака да ја збрише опозицијата од медиумите преку преполовување на минутите кои законски ѝ следуваат, нема друга држава каде што власта дели пакети поткуп, нема друга европска земја каде што секој ден е нов скандал. Ова го прават не затоа што се силни туку затоа што се слаби и уплашени од пораз. Затоа Заев ќе паднеш. И не ги повлекувај луѓето со тебе. ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, а така ќе победи и Македонија.
Овие 21 ден ќе бидат финалето на една битка за враќање на државата во рацете на народот и преземање контрола врз нашите судбини. Видовме како не треба и како Заев е неспособен да испорача каков било резултат. Овие луѓе владеат со измама и криминал. Држава во која првиот човек е амнестиран рекетар, а неговите директори ги гледаме со купови пари со мито. Ова мора да престане.
Затоа овие 21 ден се многу важни. ВМРО-ДПМНЕ ќе води кампања преку која ќе биде помеѓу народот низ улиците во градовите и селата. Секој носител со кандидатите за пратеници ќе биде присутни на терен, на средби со граѓаните согласно препораките на здравствените власти. ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од непосредната комуникација со народот и апелираме на почитување на мерките за заштита од коронавирусот. На овие избори ќе имаме двојна задача да ја поразиме корона-заразата и да го поразиме поголемиот вирус, вирусот на криминал и корупција, а тоа е оваа власт. Ние ја претставивме нашата програма и мерките кои се дел од проектот „Обнова“, со кои е обврзуваме на подобар живот. Ја имаме најдобрата програма во однос на власта, која нема ништо освен лаги и манипулации. Очекуваме убедлива победа со двоцифрена разлика во бројот на пратеници во однос на СДСМ.
Ги повикувам незадоволните, социјално загрозените, обесправените, работниците, земјоделците, стопанствениците. Ве повикувам сите вас да ни се приклучите. Имаме подадена рака кон секого и за секое прашање ќе дојдеме заедно до решението. Ви ветуваме работа, извесност и иднина. Различни сме од СДСМ. Изборот е помеѓу измама и обнова, помеѓу безидејност и концепт и стратегија, помеѓу криминал и чесност, изборот е помеѓу Заев и Македонија.
На овие избори многу е важно да се гласа, само гласот значи став за промени кон подобро, ако не гласате ќе наградите сè што досега видовме, а видовме убијци кои се пуштаат на слобода, рекетари кои поминуваат неказнето, директори со мито во рацете, искривен ‘рбет и сменет идентитет, туѓи платформи и лични интереси. Затоа ние настапуваме со слоганот ‘Исправи се Македонијо! Одбери обнова!’ Само така заедно ќе донесеме успеси, правда и повеќе пари за секого. Само така ќе си ја вратиме државата во рацете на народот и само така ќе покажеме дека Македонија е посилна од сите нив. Убеден сум во победа и подобра иднина. ‘Исправи се Македонијо, одбери обнова!’“ порача Јанушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

