Македонија
(Видео) Јанушев: Заев, ајде на избори
„Зоран Заев бега од избори. Бега од соочување со граѓаните затоа што е свесен дека власта е заглавена во криминал, корупција и во мегаскандалот ‘Рекет’. Тоа што избегнува отчет пред народот не е ново, го видовме и во 2016 кога двапати одложуваше избори. Но, сега Заев се крие од своите сограѓани затоа што знае дека поразот ќе биде катастрофален“, изјави Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, политиките во здравството, образованието, културата доживуваат крах. Економијата е во агонија и доцниме не само во споредба со Европа туку и во споредба со земјите од регионот.
,,Животот што го ветуваше се претвори во бесперспективност и затоа забрзано Македонија се празни. Ветувањата за кои се пенавеше во кампањите останаа обични лаги. Владата на Заев ќе биде запаметена како најнеспособната Влада во историјата на Република Македонија, која не може да го оствари ни тоа што самата го проектира. Тоа што се неспособни – граѓаните може и ќе им го простат, ама тоа што се штетни за Македонија, тоа никој не може да им го прости, па дури и повеќето од нивните поддржувачи.
Го погазија достоинството и на граѓанинот и на државата и дрско продолжуваат да му ја потценуваат интелегенцијата на чесниот народ. Капак на сето ова е криминалот во кој се фатени 100:0. На дело видовме дека власта на СДСМ креирала рекетарско-обвинителско-политички октопод, кој тргува со правдата, креира и монтира обвинителски акти, за потоа уценува, изнудува и игра мајтап со правната држава. Нема правда, нема мир – беше мотото што многу бргу го заборавија и наместо тоа, инсталираа Луј Витон-правосудство, кое има цел да го штити криминалот на власта, а истовремено да ги гони политичките неистомисленици на Заев. Правдата ја претворија во политичка маша во рацете на Заев, која згора на сè уште ја користат за земање милионски суми рекет.
Ова не е ни процент од криминалите, скандалите и катастрофалните чекори на оваа власт на Зоран Заев и однародената елита околу него. Ова е само врвот од сантата мраз. Секој ден излегува нова вистина за криминалот на власта исто како што секој ден Македонија тоне сè подлабоко и подлабоко со нив. Затоа, Заев, ајде на избори!, рече тој.
Според Јанушев, избори се неопходни што побргу затоа што тоа ѝ треба на Македонија. Да се формира техничка влада, во согласност со законот за да се овозможи фер и демократски избори, а истовремено да се заштити изборниот процес од спринтереските полнења кутии и злоупотребата на власта. Стравот на СДСМ и Заев е очигледен бидејќи поразот ќе биде неминовен.
„Тоа што Заев и власта се храбрат самите себе со нарачани анкети и анализи не им поминува ниту кај нивното членство. Но, еве ако Заев се охрабрил од таквите мерења, нека повели и нека излезе на соочување на избори. Заев, да одиме на избори! Иднината на оваа држава стана заложник на криминалот на оваа власт и колку побргу ќе се ослободи, толку побргу ќе се тргне сидрото наречено Заев и Македонија ќе тргне напред. Стандардот на граѓаните, благосостојбата на младите, земјоделците, работниците и стопанствениците и на пензионерите е можна само со обнова на Македонија, која ќе почне токму со деинсталирање на Заев“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

