Македонија
(Видео) Јанчева: ДКСК да постапи по признанието на Арсовска за диловите на Мицкоски за автобуси

Данела Арсовска синоќа потврди дека Христијан Мицкоски бил вклучен во преговорите за набавка на автобуси за Град Скопје. Арсовска не одговори кој го овластил Мицкоски и во кое својство тој преговара за јавна набавка за Град Скопје која треба да се плати од парите на скопјани, истакна денеска координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.
„Арсовска не кажа ниту дали поради овие активности на Мицкоски таа го стопираше проектот Бас рапид транзит и се откажа од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. Сето ова се причини за надлежните институции да постапат и да го истражат овој случај за кој постојат основани сомневања за незаконско постапување“, потенцира Јанчева.
Истакна дека ја повикуваат Државната комисија за спречување на корупцијата, по допрен глас да поведе постапка за овој случај.
Според неа, мора да се истражат сите околности за да се спречи евентуална нова незаконска набавка.
„Ова е особено важно, затоа што и претходно имаше слична ваква набавка на кинески автобуси за кој беше покренат судски процес, а вчера се случија и првите признанија и пресуди. Очекуваме Државната комисија да постапи по овој случај и навремено да ја извести јавноста“, кажа Јанчева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.