Македонија
(Видео) Јанчева: Заради „Шпански Скали“ државата се наоѓа пред меѓународна арбитража, се бара отштета од 130 милиони евра
„Скапи и долгорочни се штетите што ДПМНЕ ги стори со неколкугодишното криминално владеење на Град Скопје. Заради проектот „Шпански Скали“ дел од мегакриминалниот проект Скопје 2014 државата се наоѓа пред меѓунардона арбитража, каде тужителот побарува оштета од најмалку 130 милиони евра“, рече Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.
„За овој проект пред домашните судови се води кривична постапка, каде еден од обвинетите е поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Свои побарувања има и италијанската компанија ФЛЦ Амбиенте, за партнерството во ЈП Дрисла кое пропаднало по неколку пресуди на Управниот и Вишиот управен суд.
Идеен на творец на поништениот тендер е поранешниот градоначалник на Град Скопје од редовите на ДПМНЕ, Коце Трајановски.
Ете што значи владеењето на ДПМНЕ со главниот град – колапс на услугите, безидејност и криминални тендери поради кои државата со години е заглавена во судски лавиринти.
Наместо на проекти и развој, државата троши милиони евра за одбрана на нејзините интереси пред меѓународните судови.
Така владееше ДПМНЕ со Скопје, така владее и денес. Нема проекти, нема развој, нема функционални градски институции, но затоа има криминални тендери и кавги за тоа кој ќе срка од медот.
ДПМНЕ ја има најнеспособната локална и градска власт во Скопје на сите времиња“, изјави Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Храна со истечен рок, лоши хигиенски услови, недостиг на санитарни книшки затекнаа инспекторите во маркетите низ државата
Приближно четириесет илјади евра во денарска противвредност е вкупната вредност на 22 казни кои ги изрекоа инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) на оператори со храна, во рамки на спроведените вонредни надзори во маркети и хипермаркети на целата територија на државава. Со акцијата која се спроведе од 13 до 16 јануари годинава, контролирани беа 188 оператори со храна од оваа категорија.
Кај 10 оператори, со контролите утврдени се полесни повреди од областа на безбедноста на храната (неселектираност на разладни уреди, нејасни и нечитки декларации на производите и слично), за што се изречени мерки опомена, а во 2 маркета констатирано е дека вработените лица немаат санитарни книшки.
Кај 6 од контролираните меркети утврдено е дека немаат имплементирано процедури за примена на правилата на Добра призводствена и Добра хигиенска пракса, а кај 14 маркети затекната била храна со изминат рок на траење.
Како небезбедени во рамки на оваа акција на Агенцијата, од операторите одземени и нештетно уништени се над 253 килограми храна (месо и преработки од месо, млечни, кондиторски и други видови производи).
Македонија
Променливо облачно време со врнежи од дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаб ветер од североисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Намалена видливост поради магла кај Плетвар, Крушево, Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози. Врнежи од снег на планинските премини Ѓавато и Буково без задржување на коловоз.
Намалена видливост до 50 метри и појава на магла на планинскиот премин Плетвар, Крушево до 50 м. Стража до 80м. и на патниот правец Тетово – с.Лисец до 80 м, јавува АМСМ во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21 ноември е затворен за сообраќај за сите видови возила.

