Македонија
(Видео) Јаревски: Стевчо Јакимовски е алиби мајстор кој се плаши од ревизија бидејќи е свесен дека ќе излезат на виделина злоупотребите што ги правел
Стевчо Јакимовски знае дека следи ревизија на неговата криминална работа и дека ќе излезат на виделина сите криминали кои ги правел, затоа плаче, наместо да честита.
Стевчо Јакимовски е причината зошто Карпош e бетонска џунгла, во која интересот на граѓаните беше на последно место, истакна на прес-конференција Тони Јаревски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Стевчо Јакимовски по поразот кој го доживеа во Карпош, се уште не може да се помири дека дојде крајот на неговото изживување врз карпошани.
Јакимовски тоне во своите солзи, говори за некакви изборни нерегуларности во кои само тој верува. Јакимовски е свесен за неговите злоупотреби кои ги има направено во Карпош и во страв дека сите работи ќе излезат на виделина, Стевчо плаче.
Алиби мајсторот Стевчо, се плаши од ревизија во општината и затоа му порачуваме овие неколку дена што му останаа да не потпишува никакви документи, бидејќи добивме информации дека презема очајнички слугувања кон мафијашите што ги штити“.
Храбриот Стевчо, вели Јаревски, треба да знае две работи, а тоа е дека народот во Карпош го порази и дека ќе има ревизија на неговото работење.
„Карпош се ослободи од Стевчо и неговите другарчиња од градежната мафија. Сотир Лукровски и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја препородат општина Карпош“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова прифати да биде покровителка на 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими Ана Стојаноска, уметничка директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“, театролог, писателка и редовна професорка на Драмскиот факултет во Скопје.
Директорката детално ја запозна со програмата на 60. јубилејно издание на фестивалот којшто ќе се одржи во јуни следната година под провокативното мото „Храбриот нов театар“.
„Импресионирана од иновативноста на програмската содржина, претседателката со задоволство прифати да биде покровителка на фестивалот. Соговорничките споделија мислења за македонската драматургија, местото и улогата на славните глумци во неа, но и хроничните проблеми со коишто се соочуваат театрите, вклучувајќи ги и најтешките: просторните и финансиските. Сепак, недвосмислено заклучија дека театарот мора да остане жив и витален, обидувајќи се да привлече нова публика меѓу децата и младите, воден од чесната намера да ја поттикне кај нив љубовта кон уметноста. Претседателката смета дека знаењето, професионалноста, храброста и ентузијазмот на директорката и нејзиниот тим гарантираат незаборавен фестивал којшто заслужува институционална и финансиска поддршка“, соопштија од претседателскиот кабинет.
Македонија
Гаши на средба со ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денес одржа работен состанок со ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопјe, проф. Беким Фетаји, како и со претседателот на Синдикатот на Универзитетот, проф. Авни Авдиу.
За време на средбата, соговорниците разговараа за можностите за зајакнување на соработката меѓу Собранието и академските институции, со посебен фокус на подобрување на квалитетот на образованието и потребата од одржливи реформи во оваа област.
Беа разменети мислења за конкретни чекори што можат да се преземат за подобрување на условите за академскиот кадар и студентите, како и за зголемување на ефикасноста и транспарентноста на образовниот систем.
Ректорот го информираше претседателот за развојните проекти и планови на Универзитетот, додека претседателот Гаши, од друга страна, изрази целосна подготвеност да ги поддржи овие напори, соопштија од Собранието.
„Гаши високо го пофали придонесот на Универзитетот „Мајка Тереза“ и целиот персонал во развојот на образованието во земјата, охрабрувајќи ги континуираните напори за квалитетно, современо и инклузивно образование“, се наведува во соопштението.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната кинеска амбасадорка Џианг Сјаојен
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Обете изразија задоволство од квалитетот на македонско-кинеските односи, втемелени на заемна почит и разбирање.
За Сиљановска-Давкова, забрзаната интеграција во Европската Унија е македонски стратешки приоритет, а дијалогот – единствен начин за решавање на регионалните и глобалните проблеми и предизвици.
Пренесувајќи ги срдечните поздрави од претседателот Си Џинпинг и изразите на највисоко почитување од кинеската влада и народ, кинеската амбасадорка истакна дека Народна Република Кина е наш искрен, доверлив и сигурен пријател којшто ги почитува суверенитетот на македонската држава и достоинството и интегритетот на македонскиот народ.
Претседателката ги поздрави активностите на Катедрата за македонски јазик, при Универзитетот за странски студии во Пекинг.
Соговорничките препознаа неискористен потенцијал за проширување и продлабочување на соработката во економијата, образованието, културата, науката и туризмот.
Тие веруваат и го поддржуваат ефективниот мултилатерализам, чијшто центар на одлучување ќе бидат реформираните Обединети нации.

