Македонија
(Видео) Јаулески на говорница го запали францускиот предлог: Никој не победил народ, нема ниту вие
„Со Договорот од Преспа го ископавте гробот, а со овој т.н. француски предлог сакате да го затрупате. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да се отвори Уставот и истиот да се промени тоа да му биде јасно на секого. Ако отвориме Устав тоа е за да ве вметнеме вас од СДСМ како предавничка и антидржавна партија“.
Ова денеска го изјави пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, на денешната Собраниска седница, а неговиот говор го заврши со палење на францускиот предлог додека сè уште беше на собраниската говорница.
„Кога го слушав Бујар Османи дека овој француски предлог има реципроцитет, наеднаш си помислив дека Македонците ќе бидат впишани во бугарскиот Устав, дека бугарската држава ќе ги почитува пресудите на ЕСЧП и ќе ја регистрира ‘Омо Илинден Пирин’ организацијата на Македонците во Бугарија, дека во таблите на културно-историските споменици во Пиринска Македонија ќе има македонски ознаки, дека ќе има санкции за говор на омраза кон Македонците, рехабилитација и репарација на Македонците од Пиринска Македонија кои се измачувани од комунистичкиот режим во Бугарија после 1948 година па до денес, дека ќе се отворат архивите на државната безбедност на Бугарија и дека ќе се лустираат сите агенти кои ги кршеле основните човекови права на Македонците, дека ќе се отворат училишта во кои Македонците ќе можат да учат на мајчин јазик“ – кажа Јаулески.
Тој додаде дека наместо да се прифаќаат вакви понижувачки предлози вие требаше да прогласите крај на какви било разговори за историјата, јазикот и идентитетот. Со прифаќање на овој предлог никогаш нема да влеземе во ЕУ, со ставање потпис на ваков предлог тоа е невозможно и ѝ давате право на Бугарија кога сака и за што сака.
„Многу окупатори во минатото ја газеле оваа земја, многу војски се изживувале врз Македонците, Албанците, Турците , Србите и сите други народи кои живеат во Македонија, но ниту една војска и окупатор не успеал да нè уништи. Ако мислите дека со овој потег ќе нè направите послаби, напротив ќе бидеме уште посилни и ќе истраеме, никој не победил народ, овој народ ќе живее и живее. Оваа земја опстоила и ќе опстои, да живее Република Македонија“ – заклучи Јаулески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

