Македонија
(Видео) Јовановски: Шест месеци Стојковски не сработи ништо за Ѓорче Петров
Развојот на општина Ѓорче Петров во последниве шест месеци го достигна својот минимум. Неспособноста и безидејноста се врвна агенда и приоритет на Александар Стојкоски, истакна на денешната прес-конференција Кристијан Јовановски, претседател на ОО СДСМ Ѓорче Петров.
„Да не беа проектите на претходната власт, Стојкоски ќе немаше што да им презентира на ѓорчепетровци. Дури два пати го прошета и лидерот Мицкоски по улиците на Ѓорче Петров фалејќи се за нешто за кое нема мрднато со мал прст. Но, затоа градоначалникот силно се вложува да си ги згрижи своите партиски војници. Можеби нема пари за улици, фекална канализација и водовод, но мора да има граѓански пари за партиски вработувања. Жителите на Ѓорче Петров за оваа година од свој џеб дадоа 230 илјади евра, за Стојкоски да си ги вдоми своите партиски другари во општината. Ѓорчепетровци преку исплата на даноци му подарија 6 илјади евра, за Стојкоски годинава да се гоштава со бајадери и најразновидни пијалаци. Дарежлив е и кон советниците и подобни вработени во општината на кои им овозможува неколкудневни семинари во ексклузивни хотели во земјава“, вели Јовановски.
„Каде е Ѓорче без кал?! Со ниту еден метар асфалт и ниту една коцка поставен бехатон. Прашуваме каде е зелената агенда?! Каде се 1 милион садници, пет мега паркови во Даме Груев, Волково, Пржина, Мирче Ацев и реконтрукција на постоечкиот, 600 клупи, 600 корпи или тоа се надоместува со неискосена трева висока и по еден метар! Не гледаме дека нешто се прави околу обезбедување на уште една сообраќајница и поврзување на руралниот дел од Ѓорче со градот. Нема ништо од кружен тек на Македонска војска, пробивање на Лука Геров кон Стопански двор, пробивање на пешачката патека на кејот од Хром, до Карпош“, посочи Јовановски.
Оценува дека четири години Ѓорче беше едно големо градилиште и се работеше со полна пареа, но сега, како што вели, на Ѓорче му треба тоа темпо.
„Господине Стојкоски, ветувавте дека ќе бидете градоначалник за сите, а не само за вашите партиски војници, ветувавте работа, а добивме антагонизам. Мора да работите за подобрување на условите за живот во Ѓорче Петров, а СДСМ е секогаш тука да помогне во таа мисија“, потенцира Јовановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

