Македонија
(Видео) Љубе Бошкоски доби ослободителна пресуда за нелегалното финансирање кампања
Љубе Бошкоски доби ослободителна пресуда за случајот „Кампања“. Кривичниот суд на повтореното судење утврдил дека немало недозволено финансирање на кампањата на неговата партија на изборите во 2011 година.
„Се ослободува од обвинение. Трошоците за кривичната постапка се на буџетот на Република Северна Македонија“, рече судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ.
Пресудата беше поздравена со аплауз во судницата.
„Судот не утврди дека Бошкоски примил парични средства за финансирање на изборната кампања за парламентарните избори 2011 година, што би претставувало недозволено финансирање на изборната кампања, а е суштествен елемент што мора да постои“, посочи судијката.
Случајот „Кампања“ се суди вторпат бидејќи Европскиот суд за човекови права пред две години пресуди дека на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, му биле прекршени правата на фер судење по обвинувањето за нелегално финансирање на неговата партија Обединети за Македонија. Новото судење беше по барање на Бошкоски како обвинети.
Бошкоски беше уапсен на 6 јуни 2011 година, ден по парламентарните избори, пред ресторанот „Воденица“ во Скопје, под сомнение за нелегално финансирање на изборната кампања. Во 2014 тој беше осуден на пет години затвор. Во 2016 година тој излезе од затворот во Идризово, каде што ја издржуваше казната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

