Македонија
(Видео) Ќе каже ли ВМРО-ДПМНЕ колку пари во форма на донации зеле од осомничените од „Пулс“, прашува СДСМ
„Речиси четири месеци Мицкоски и Тошковски ја прикриваа вистината за трагедијата во Кочани и правеа сè за да ги заштитат полициските функционери поставени од нив. Наместо итно да се побара одговорност, власта штитеше, молчеше и манипулираше со јавноста. Целта беше јасна – да се спречи вистината, за да се побегне од одговорноста од врвот на власта, до директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и до министерот Панче Тошковски“, вели Миле Талески – пратеник на СДСМ.
„Само по силен јавен и политички притисок, на СДСМ и дел од медиумите конечно беа отворени постапки против неколку полициски началници.
Сега е јасно како ден дека вината е во врвот на МВР, во врвот на власта и за тоа мора да има кривична, правна и политичка одговорност.
Директорот на БЈБ, Јанев треба да одговара кривично по закон и хиерархија. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски мора веднаш да поднесе оставка. Без нивно повлекување, секоја истрага е компромитирана, секоја правда е селективна, како и досега.
Еве конкретни примери.
Главната инспекторка за економски криминал Кристина Јованова да не е опфатена со истрагата. Како е тоа можно?
Таа имала надлежност да постапи, а не презела ништо, иако дискотеката „Пулс“ работела нелегално повеќе од една година – без лиценца, со блокирана сметка.
Дури и сè уште е на функција. Затоа е заштитена од политички структури на власта и скриена зад ѕидот на молкот и неказнивоста.
Штитејќи ја неа, всушност се штити и директорот на БЈБ, кој е директно одговорен за нејзиното (не)постапување. Одиме понатаму. Полицијата имала обврска да го затвори објектот, а не да спроведува контроли кои биле спротивни на процедурите.
Не се прави контрола на објект кој нелегално работи тој се затвора. Полицијата исто така имала должност да спречи внес на пиротехнички средства, за што знаеме дека е клучен причинител за пожарот.
А кој ги постави сите овие началници, одговорни полицајци, надлежни полициски службеници? Кој им давал наредби? Тошковски и Јанев.
Затоа одговорноста мора да почне од нив. СДСМ ќе ја продолжи борбата за вистината. Најавуваме дека следува продолжение, „Вистината за Кочани 2“ – со нова серија факти и аргументи, со нови информации.
Јасно прашуваме: Ќе каже ли ВМРО-ДПМНЕ колку пари во форма на донации земале од осомничените од Пулс?
Правда за Кочани мора да има. За Кочани, за жртвите, за семејствата, за правната држава“, изјави Миле Талески – пратеник на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити-Спиропали: во фокусот актуелните случувања
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити ја пречека Елиса Спиропали, министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, која престојува во официјална посета во Скопје.
Средбата се одржа во пријателска и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани актуелните регионални случувања, улогата на албанската дипломатија во зајакнувањето на сеалбанските врски, како и значењето на продлабочувањето на меѓуинституционалната соработка во функција на заедничките интереси на двете држави.
Спиропали и Меџити положија цвеќиња пред споменикот на националниот херој Ѓерѓ Кастриоти Скендербег, во знак на почит кон визијата на овој историски водач за европската ориентација на Албанците, соопштија од кабинетот на Меџити. По тој повод, беше повторно нагласено дека иднината на Албанците е во Европската Унија, како заедница на демократски вредности и успешен модел на институционална, културна и политичка интеграција на сите народи.
„Присуството во Чаир дополнително испрати јасна порака на политичка блискост, институционална поддршка и директно внимание на државата Албанија кон Албанците во Северна Македонија.
Оваа средба го потврди заедничкиот интерес за зајакнување на соработката и институционалната координација, со фокус на развојот, интеграцијата и зачувувањето на вредностите што нè поврзуваат како држави и како народ“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“
Вечерва, срцето на градот чукаше најсилно токму таму каде што се најчистите насмевки.
Со организација на кино-проекцијата на филмот „Биби и Боби“, им подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“, истакна скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, откако беше организирана посебна вечер наменета за децата од згрижувачките семејства и од ЈУ Детски дом „11 Октомври“.
„Сала исполнета со смеа, возбуда и детска искреност, моменти што нè потсетуваат колку малку е потребно за голема среќа, а колку многу значи вниманието.
По завршувањето на филмот, поделивме новогодишни пакетчиња за сите дечиња.
Како градоначалник, но пред сè како човек, останувам цврсто посветен на создавање можности, поддршка и сигурност за најмладите, особено за децата кои се дел од системот на социјална заштита.
Нивната радост е нашата најголема обврска.
Секое дете заслужува внимание, љубов и убави празнични денови“.
Македонија
Намалена видливост поради појава на магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради појава на магла од 50 – 70 метри има на патниот правец Дебар – Струга, од 100 – 150 метри на патниот правец Куманово – Крива Паланка и од 50 – 100 метри на патниот правец Велес – Катланово.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Фото: депозитфотос

