Македонија
(Видео) Џафери – Ларсон Џеин: Со членството на Шведска алијансата станува поголема и поцврста
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска се сретна со амбасадорката на Кралството Шведска во земјата, Ами Ларсон Џеин.
Премиерот Џафери упати честитки до амбасадорката Ларсон Џеин за членството на Кралството Шведска во НАТО и ѝ предаде писмо со честитки упатени до шведскиот премиер Улф Кристерсон. Притоа истакна дека со овој историски чин алијансата станува поголема и поцврста, а со тоа и севкупната трансатлантска безбедност. Посакувајќи ѝ добредојде на Шведска во НАТО, премиерот Џафери истакна дека од овој момент сојузниците продолжуваат да чекорат заедно кон зацврстување и проширување на заедничкото евро-атлантско семејство. Тој посочи дека во услови кога светот се соочува со нарушена безбедност и со предизвици за демократските вредности и принципи од страна на авторитарни актери секој заеднички потфат е придонес во одржувањето на стабилноста и безбедноста.
Шведската амбасадорка Џеин се заблагодари за честитките и за силната и широка поддршка добиена од Владата и Собранието на Република Северна Македонија во пристапниот процес. Упати посебна благодарност до Џафери, кој и во претходната функција како претседател на Собранието и во сегашната, како претседател на Владата, даде свој личен прилог во процесот. За возврат, истакна дека Шведска ќе биде силен и стабилен партнер во алијансата и доверлив сојузник на Северна Македонија. Ларсон Џеин се осврна на клучните елементи што Шведска ги внесува во алијансата со членството, меѓу кои и силните воени способности на копно, море и воздух, и познавањето на нордиските територии.
На средбата беше констатирано и дека Северна Македонија и Шведска во континуитет градат партнерски односи со политички дијалог на високо ниво и имаат соработка во многу области од заемен интерес. Премиерот Џафери се заблагодари за конзистентната шведска поддршка на Северна Македонија во процесот на евроинтеграциите и на важната шведска развојна помош во области корисни за нашите реформи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Доста ни е од веќе видени пратеници и од гласање за помалото зло
„Во програмата имаме 13 поглавја кои го опфаќаат секој аспект од општественото живеење. Главната порака до граѓаните е да го заокружат бројот 5 на гласачкото ливче и да дозволат млади неподмитливи луѓе да ги застапуваат, бидејќи доста ни е од веќе видени пратеници и од веќе видено гласање за помалото зло. На тој начин ќе спречиме многу штетни политики“, рече лидерот на Левица, Димитар Апасиев од Прилеп, презентирајќи ја предизборната програма на неговата партија во пресрет на парламентарните избори.
-По првиот круг не паѓаме со духот, туку продолжуваме со првичната замисла, додаде Апасиев.
Партијата Левица очекува поддршка од прилепчани каде, како што велат од оваа партија, имаат реална основа за тоа.
– Земјоделството мора да биде планско. Планираме да се пополнуваат стоковите државни резерви строго со домашно производство, со однапред склучени договори за земјоделците да имаат некаква сигурност во производството. Планираме фиксни откупни цени, државни откупни центри за да не можат прекупците да ја местат цената како што ним им одговара, ладилници за складирање на произведената храна од кои ќе се снабдуваат Армијата, градинките, училиштата, болниците. Мерките, генерално ни се насочени кон државна интервенција во земјоделството, а не да биде оставено стихијно. Во стопанството планираме рестартирање или отворање државни профитабилни фирми во секоја стратешка стопанска гранка, рече носителот на кандидатската листа на пратеници во четвртата изборна единица, Сашко Јанчев при претставувањето во Прилеп.
Македонија
Спасовски од Шуто Оризари: Да не се попречува изборниот процес
Носителот на листа на кандидати за пратеници од СДСМ и коалицијата за европска иднина од ИЕ2, Оливер Спасовски, имаше свое обраќање во Шуто Оризари.
„Денеска продолжуваме со изборната кампања во Шуто Оризари на разговор со граѓаните за претседателските и парламентарните избори на 8 мај. Сакам да се сретнеме со сите граѓани, да влеземе во секоја куќа во општината Шуто Оризари, да поразговараме со секого за нашата перспектива на Македонија”, рече Спасовски. Притоа, тој ја истакна важноста да се гласа на 8 мај.
„Многу е важно граѓаните да останат смирени и овој втор круг од изборите да помине во демократска атмосфера. Упатувам порака до сите оние се дрзнуваат на било кој најчин да го попречуваат изборниот процес, да се закануваат, да навредуваат, да останат на ниво на демократски вредности. Да ги почитуваат граѓаните и на мирен, фер и демократски начин да заврши изборниот процес. Воедно ги повикувам сите граѓани масовно да излезат на изборите на 8 мај, да гласаат за нашиот претседател Стево Пендаровски заокружувајки го бројот 1, и да гласаат за листата на пратеници исто така под број 1 за коалицијата за европска иднина”, порача Спасовски.
Македонија
Меџити: Сите бегаат од ДУИ како од корона
Изет Меџити, лидерот на Демократското движење, чија партија е дел од коалицијата ВЛЕН рече дека „на ВМРО-ДПМНЕ ѝ треба албански партнер како ВЛЕН, за да биде целосна сликата“.
-Од ДУИ денес сите бегаат како од корона. Дури и ВМРО-ДПМНЕ и Максим Димитриевски бегаат од ДУИ и не сакаат влада со нив, рече Меџити на средби со граѓани во општина Чаир и во Сарај.
Ветува решавање на клучните проблеми на граѓаните во нивните општини.
За Меџити, само на тој начин ќе се претендира за европски вредности и европски фронтови. Немањето канализација и елементарни услови за живот е недозволиво, истакнува тој.