Македонија
„394 милиони евра нови задолжувања во првите два месеца“, вели партијата Левица
„Само за два месеца Владата нè задолжи на домашниот пазар со нови 394 милиони евра по основ на хартии од вредност. Државните записи кои достасуваат за една година изнесуваат 203,5 милиони евра, а државни обврзници кои ќе достасаат дури по 15 години, изнесуваат над 190 милиони евра“, вели партијата Левица.
„Овие предизборни задолжувања ќе ги пополнат буџетски дупки и ќе послужат за предизборен поткуп. Обезбедувањето на сигурни гласови нема цена повеќе од три децении и затоа власта со нови долгови доделува помош на пензионери, млади, социјално ранливи категории, земјоделци, лица со попреченост или самохрани родители, како и на компании.
Јавниот долг во Македонија достигна 8,5 милијарди евра во 2023 година, меѓутоа задолжувањата не стивнуваат. Покрај овие задолжувања, власта во континуитет нè задолжува со разни заеми и кредити на меѓународниот финансисики пазар. СДС и ДУИ трошат народни пари за да ги купат гласовите на избирачите и да си обезбедат уште еден мандат.
Владата сметајќи на солидарноста на идните генерации, место да ги намали и рационализира трошоците, ќе го продолжи трендот на иселување, не само на младите, туку и на цели семејства. Место да се задолжуваат неродените деца, Левица во својата програма предвидува бескомпромисна борба против организираниот криминал и корупција, воведување на прогресивно оданочување и кратење на сите непродуктивни трошоци кои народот ги плаќа повеќе од три децении за луксузното и расипничкото живеење на власта“, соопшти партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска Давкова со ректорите на државните универзитети: разменети мислења за реформите во високото образование со цел достигнување на европските стандарди
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими ректорите на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот во Тетово и „Мајка Тереза“ – Скопје.
На средбата на којашто присуствуваа ректорката Биљана Ангелова, ректорот Јусуф Зејнели, ректорот Дејан Мираковски, проректорот Јове Талевски и проректорот Беким Фетаји, беа упатени честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова и беа изразени очекувања за успешна соработка.
Соговорниците разменија мислење за тековните реформи во високото образование со цел прилагодување на високообразовните институции на глобалните трендови и достигнување на европските критериуми и стандарди.
Претседателката истакна дека, како личност што доаѓа од академската заедница, ќе го поддржува поттикнувањето на научно-истражувачката дејност, посочувајќи дека високото образование е клучно за просперитетот, развојот и напредокот на државата и подигнувањето на неговиот квалитет мора да биде наш врвен приоритет.
Сиљановска Давкова посочи на потребата државните институции заедно со универзитетите да ги интензивираат напорите за поцелосно искористување на ресурсите од механизмите на ЕУ наменети за високото образование и да се искористи можноста македонските студенти и академски кадар да имаат зголемено ниво на соработка преку проектите на програмата Еразмус+ на Европската Комисија.
Во насока на поттикнувањето на развојот преку науката, дигитализацијата и развојот на човечките капацитети, претседателката ја посочи нејзината подготвеност како професор со долгогодишно искуство во високото образование да помогне во правец на подобрување на квалитетот на образованието за сите млади луѓе, промовирање на културната разновидност, поттикнување на иновациите и подобрување на технолошките вештини кај младите.
Македонија
Маричиќ: Европската интеграција на Северна Македонија е важен стратешки план и приоритет за државата и за сите граѓани во неа
Првиот заменик-претседател на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес одржа средба со амбасадорот на Република Унгарија, Андраш Клајн, заменик-амбасадорката Кристина Тиханји и претставникот Золтан Марки.
На средбата унгарската делегација ги презентира приоритетите на унгарското претседателство со цел зајакнување на процесот на европските интеграции во претстојниот период. Унгарија претседава со Советот на Европа од 1 јули 2024 до крајот на годината.
Маричиќ со заложба дека европеизацијата на државата мора да продолжи со засилен тек ја истакна важноста од носење важни одлуки за понатамошно реализирање на стратешките цели на Северна Македонија и регионот.
Aмбасадорот Клајн се заблагодари за досегашниот успех и постигнатите резултати од процесот на евроинтеграција, скрининг-процесот, почнувањето на преговорите за државата и комплетната подготовка за реализација на европската агенда на државата.
„Европската интеграција е важен стратешки план и приоритет за државата и за сите граѓани во неа“, истакна Маричиќ.
Македонија
Давкова официјално ќе го применува уставното име, а во јавните настапи има право да каже Македонија како чин на самоопределување, велат од нејзиниот кабинет
Во своите јавни настапи македонската претседателка има право да го употребува името Македонија како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација почитувајќи ги основните човекови права и слободи и во согласност со европските вредности и начела, велат од Кабинетот на претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Од тука наведуваат дека Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име. Во согласност со Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име.
Македонските институции во последните 5 години речиси целосно ги исполнија обврските од преспанскиот договор и претседателката очекува сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатералните обврски, кои ги презеле кон земјата.