Македонија
(Видео) Џафери пречекан од Рама во Тирана: почнува конференцијата на високо ниво за планот за раст на Западен Балкан
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска, во Тирана, Република Албанија, беше пречекан од страна на премиерот на Албанија, Еди Рама, пред официјалното почнување на конференцијата на високо ниво „Раст и конвергенција за Западен Балкан“.
Премиерот Џафери во своето обраќање ќе се осврне на определеноста и посветеноста на Владата на Република Северна Македонија за успешното спроведување на планот за раст за Западен Балкан, со оглед на фактот дека овој план потенцијално ќе го промени регионот и ќе го забрза неговото придвижување кон Европската Унија, се наведува во соопштението на владината прес-служба.
На регионалниот состанок во Тирана, кој е продолжување на состанокот од минатиот месец во Скопје, се лидерите на државите од Западен Балкан, како и комесарот за соседска политика и проширување на ЕУ, Оливер Вархељ, но и претставници на меѓународни финансиски институции, важни за имплементација на планот за раст за Западен Балкан.

Фокусот на разговорите на конференцијата ќе биде на регионалната соработка и спроведувањето на заедничкиот регионален пазар, со посебен фокус на регионалните приоритетни акции, кои ќе придонесат за постепено вклучување на економиите на земјите од Западен Балкан во единствениот пазар на Унијата, за поголема економска интеграција на Западниот Балкан, со крајна цел – социо-економски развој на целиот регион, се додава во соопштението на владината прес-служба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Изборот на Трајановски за потпретседател го потврдува влијанието на Заев, Филипче го зацврстува кругот на Заев во СДС наместо да го реформира
Филипче продолжува да биде спотер на Заев и да се потпира на кадри кои се сметаат како дел од политичкиот круг на Заев, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче кадровските решенија во СДС ги носи под значително влијание на Заев. Филипче поставува кадри кои се сметаат за блиски до кланот Заеви. Изборот на Александар Трајановски за потпретседател на партијата е токму тоа, Трајановски е човек од шинелот на Заев.
Александар Трајановски е истиот тој кој летото заедно со Заев и Филипче се луксузираа на скапи јахти во Грција додека Заев ги бираше кандидатите за градоначалници. Трајановски и покрај тоа што ги изгуби изборите во Аеродром е поставен за потпретседател бидејќи е избор на Заев за да може слободно да течат бизнисите и да продолжи контролата на СДС во сенка.
Овој потег на Филипче само ја зацврстува перцепцијата дека кадровските одлуки во СДС сè уште се диктираат од Заев. Заев сè уште ја контролира внатрешната структура на партијата.
На Македонија и е неопходна конструктивна опозиција. Неопходно е дистанцирање на старите структури на моќ, превземање одговорност и реформи“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Од денеска задолжителна зимска опрема за возилата
Од денеска стапува во сила обврската за задолжително користење на зимска опрема за возилата. Оваа обврска ќе трае до 15 март следната година.
За да избегнете сообраќајни казни и прекршоци, од АМСМ велат потребно е да го усогласите вашето возило со пропишаните барања:
– Возила до 3.500 кг: потребни се зимски гуми на сите тркала со длабочина на шарата од минимум 4 мм, или летни гуми со истата длабочина, со задолжително носење синџири за снег.
– Возила со погон на сите тркала (4х4): зимски гуми со длабочина од најмалку 6 мм, или летни гуми со минимум 4 мм длабочина и синџири за снег.
– Возила над 3.500 кг: зимски гуми со длабочина од 6 мм на погонските тркала, или летни гуми со минимум 4 мм, со задолжителни синџири за снег.
Покрај ова, автобусите и товарните возила мора да носат прирачен алат како лопата, ако не можат да користат синџири за снег, информираат од АМСМ.
Македонија
Времето денеска сончево, со температури до 19 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југозападен правец. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 15 до 19 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 17 степени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека во понеделник облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).

