Македонија
(Видео) Џафери – Силвестри: Северна Македонија да продолжи по европскиот пат
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, се сретна со Андреа Силвестри, амбасадор на Италијанската Република во земјата.
На состанокот се истакна големото и искрено пријателство помеѓу Северна Македонија и Италија создадено во 30-те години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу државите.
Денес, двете земји, констатираа соговорниците, имаат високоразвиени билатерални односи и се доверливи партнери во НАТО. Италијанската Република, како што се посочи, е силен и голем поддржувач на Република Северна Македонија во сите демократски и реформски процеси. Особено се потенцира значајната улога на Италијанската Република во евроинтеграциите на Западен Балкан и конкретно на Северна Македонија во ефикасен процес, каква што поддршка добива нашата земја.
Исто така, покрај политичките, одбранбените и културните односи, се констатира дека се развиваат и економските односи, кои бележат тренд на унапредување, со оглед дека Италија е меѓу 10-те најголеми трговски и инвестициски партнери на Северна Македонија.

Премиерот Џафери се заблагодари за монографијата, издадена по повод 30 години дипломатски односи меѓу Италијанската Република и Република Северна Македонија, квалификувајќи ја како драгоцено сведоштво за идните генерации, за длабокото и продуктивно пријателство меѓу државите во регионот и во европски контекст.
Лично изрази задоволство што ја има можноста и од позицијата на премиер да продолжи да придонесуваа во натамошниот развој на односите меѓу државите.
На средбата се разговараше и за претстојните двојни избори во нашата земја.

Претседателските и парламентарните избори се оценети како исклучително важни, со оглед на потребата да се потврди европската ориентација на Северна Македонија како за квалитетот на живот на граѓаните во државата така и за стабилноста на Западен Балкан, а со тоа и на Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

