Македонија
(Видео) 25 Мај, Денот на младоста – еден од најголемите празници во СФРЈ
Денот на младоста беше еден од најголемите празници во Социјалистичка Федеративна Република Југославија, кој се одбележуваше на 25 мај, а се прославуваше од 1945 до 1988 година.
Овој празник беше поврзан со роденденот на доживотниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито (1892-1980) и првите години се одбележуваше само како негов роденден, а во 1957 година на негова иницијатива е прогласен за Ден на младоста.
Главниот симбол на овој празник беше Штафетата на младоста, која се пренесуваше околу еден и пол месец низ целата територија на некогашна Југославија и на 25 мај му се предаваше на Тито на величествен слет, организиран на Стадионот ЈНА во Белград.
Штафетата на младоста е воведена во 1945 година, на предлог на младината на Крагуевац, како „Титова штафета“. Во носењето на првата Титова штафета учествуваа 12.500 младинци, кои претрчуваа траса долга 9.000 километри, предавајќи му ги на Тито првите девет штафетни палки и Сината книга со 15.000 потписи од младината на Шумадија. Првите штафети му се предадени во Загреб, а во следните години, се до 1956 година, Тито лично ги примал последните носители на штафетата пред Белиот двор во Белград, на што претходел свечен пречек на Плоштадот на Републиката.
Штафетата секоја година тргнуваше од различно место и до друга република, секогаш масовно пречекувана ширум некогашната Југославија.
Се до смртта на Јосип Броз Тито во 1980 година, штафетата му се доделувала лично на Стадионот ЈНА во Белград, со пригодна честитка со желби за добро здравје и долг живот, врачувана од најдобрите младинци и младинки. Штафетата на младоста во 1980 година, која на денот на смртта на Тито на 4 мај се најде токму на патот низ Хрватска, го прекина својот пат и е положена на одарот на претседателот во Собранието на СФРЈ.
Штафетата на младоста продолжи да постои и по смртта на Тито, станувајќи симбол на љубов и почит кон неговото дело.
Во 1987 година последен пат на белградскиот стадион е одржана приредбата по повод Денот на младоста, а на 26 јануари 1988 година Сојузот на социјалистичката младина на Југославија го укина слетот, кој беше многу популарен.
За носители на Штафетата на младоста секогаш беа избирани „примерни младинци“, односно најдобрите ученици и студенти, млади работници, истакнати спортисти, учесници во работни акции и воопшто млади луѓе кои се истакнале со своето образование и труд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

