Македонија
(Видео) Kовачевски: Европската Унија нѐ прифаќа како Македонци што говорат македонски јазик
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, по повод почетокот на преговорите за полноправно членство на Македонија во ЕУ, одржа прес-конференција во Советот на Европската Унија во Брисел.
Во продолжение е целосното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Денес, ми припадна огромната чест да се обратам на мојот мајчин македонски јазик пред 27-те земји членки на Европската Унија на Mеѓувладината конференција, со која ги отвораме преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија.
Најпрвин би сакал да им честитам на граѓаните на Република Северна Македонија. Тие се најзаслужни за денешниот ден. Тие не се предадоа пред ниту еден предизвик, пред планини тешки отстапки и компромиси, за да го исполнат својот сон за припадност во европското семејство.
Конечно, 17 години потоа и многу тешки компромиси, се отвора процесот за прием на Северна Македонија во големото европско семејство – во Европската Унија.
Првиот чекор кон нашата европска иднина е направен, а нашиот тридецениски сон е на дофат. Денес е денот кога почнуваме да пишуваме ново поглавје во македонската историја. Поглавје на забрзан развој, просперитет и стабилност.
Денешниот ден е историски за нас. Долгоочекуван и сосема заслужен.
Им честитам, но исто така и им благодарам на граѓаните за нивната истрајност и за јасната визија за тоа каква држава сакаме да изградиме и да им оставиме на идните генерации.
Овој ден им е посветен ним, на сите наши граѓани, но и на сите државни лидери, политички претставници, граѓанскиот сектор, академски и научни работници, стопанственици, новинари и медиумски работници и илјадници државни службеници, кои имаа храброст да сонуваат, да имаат визија и напорно да работат за да ја исполнат.
За да ја реализираме оваа стратешка цел, направивме многу. Донесовме тешки одлуки, кои бараа лидерство и храброст, мудрост и одговорност. Патриотски одлуки во интерес на иднината на нашите деца и државата. Овие државнички одлуки се вистински показател како се сака државата. Не постои поголем патриотизам од јасната визија и план за иднината, залагањето за просперитет на државата и на сите граѓани.
Ја донесовме и конечната одлука, со која обезбедивме зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура и посебност. Европската Унија нѐ прифаќа како Македонци, кои говорат македонски јазик, со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите идентитетски, историски и културни особености. Ова е обезбедено засекогаш. За овие нешта ниту се преговара ниту ќе се преговара.
Убеден сум дека од овој процес граѓаните ќе излезат како победници, дека сите ние заедно ќе излеземе посилни, постабилни и забрзано ќе чекориме напред кон заедничка поперспективна иднина. Убеден сум исто така дека континуираната и зголемена помош, што Европската Унија ќе ја обезбеди во наредниот период, ќе овозможи македонските граѓани и економијата да добијат конкретна и реална поддршка за европската реалност да ја живееме денес и на вистинскиот начин.
Со верба во себе, во нашите предци, традиција и посебност, а со јасен поглед кон иднината, ја движиме државата напред. За денешните и идните генерации градиме демократско, европско општество, во кое ќе има место за сите, каде што владеење на правото го има приматот, а граѓаните ќе се економски напредни.
Европските вредности и принципи на слобода, демократија, еднаквост, како и владеењето на правото, се нашиот стремеж. Ние сме природно поврзани со ЕУ, а отсега и заеднички ќе се развиваме и ќе го развиваме и регионот.
Нашата земја е Европа во мало. Нашата мултикултурна, мултиетничка и мултиконфесионална функционална демократија не само што ќе ја збогати Европската Унија туку ќе биде и успешен пример за унитарна мултиетничка држава интегрирана во европското семејство. Ние секојдневно го живееме мотото на Европската Унија, ние сме јасно обединети во различностите и длабоко се гордееме со нив.
Северна Македонија е земја на пријателства и соживот. Тоа се наши автентични белези по кои нѐ препознава светот денес. Градиме пријателства. Посветени сме на изнаоѓање заемно прифатливи решенија. Затоа сме и денес тука и гордо стоиме рамо до рамо со нашите партнери во ЕУ. Делиме исти вредности, а отсега ќе делиме и европска иднина.
Европска иднина со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и сите негови особености. Европска иднина во која со полноправно членство македонскиот јазик ќе б иде еден од службените јазици на ЕУ, без какви било објаснувања, додавки или фусноти. Иднина во која сите наши особености, специфики, традиција, култура, обичаи, ќе бидат автентично наши, македонски, но споделени со сите наши пријатели во Европската Унија. Тоа е она што и нас и Европската Унија ќе нѐ направи побогати.
Од денес па натаму одиме само напред и нагоре. Северна Македонија економски, политички и општествено ќе се развива, а граѓаните ќе имаат повисок квалитет на живот, со високи стандарди за почитување на законите.
Време е за обединување, за заедништво, за оптимизам, за верба во подобро утре, но пред сѐ за посветена работа за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава и за ефикасно и брзо интегрирање во Унијата. Време е новото сонце на слободата да изгрее и да ни го осветли патот за храбро, посветено и бестрашно да погледнеме кон иднината и бргу и одлучно да го оствариме нашиот сон, сонот на илинденците, на борците од НОБ. Време е за нови, заеднички победи.
Ние решивме да се соочиме со сите наши стравови и да донесеме храбри одлуки за иднината, а не да останеме заложници на минатото.
Сметам дека човекот го дефинира она што го прави во тешки времиња. Дали ќе донесе одлука или ќе се засолни во статус кво и во своите стравови. Јас и моите соработници решивме да бидеме одлучни, храбри, мудри и несебични, да не мислиме на нас, туку на идните поколенија, за мир, безбедност, иднина.
Завршувам со зборовите на големиот Жан Моне – нема иднина за граѓаните на Европа, освен онаа во Унијата (There is no future for the people of Europe other than in union).
Нека ни е среќен почетокот на пристапните преговори, набргу да се радуваме и на полноправното членство во Европската Унија и уште еднаш честитки до сите граѓани на Република Северна Македонија“, изјави премиерот Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

